Достапни линкови

Тилерсон: Русија претставува опасност за САД


Рекс Тилерсон

Рекс Тилерсон, кандидатот за државен секретар на избраниот американски претседател Доналд Трамп на денешното сослушување во Сенатот изјави дека Русија претставува опасност за САД и дека земјата ги занемарува американските интереси. Тој посочи и дека САД се соочуваат со значителни закани од целиот свет, вклучително и од Русија.

„Додека Русија бара почит и релевантност на светската сцена, нејзините неодамнешни активности ги занемаруваат интересите на Америка“, рече тој за време на неговото сведочење пред законодавците.

Тој додаде и дека сојузниците на САД имаат право да бидат вознемирени во врска со Русија. Но, според Тилерсон, двете земји треба да бараат начин да работат заедно каде што е можно, вклучително и во напорите во борбата против тероризмот. Според него, САД требале поенергично да реагираат на руската анексија на полуостровот Крим со непосредна воена поддршка со цел да се спречи натамошната руска агресија во Украина.

Тилерсон истакна и дека обвинувањата дека Русија стои зад сајбер нападите со цел да се меша во претседателските избори се вознемирувачки и дека тој не го видел класифицираниот разузнавачки извештај во кој се наведени тврдењата и дека не е во позиција да ја утврди нивната точност. Според обвинувањата, Русија ја спровела кампањата со цел да му помогне на Трамп, кој е републиканец и кој изјави дека ќе работи на подобри врски во Москва.

Тилерсон беше директор на Ексон Мобил која има долгорочни интереси за вадење нафта во Русија, а тој ги критикуваше и американските санкции против Москва поради нејзината улога во конфликтот во Украина, поради кои компанијата беше принудена да се откаже некои проекти во Русија.

XS
SM
MD
LG