Достапни линкови

„Добрососедски“ изјави не само за внатрешна употреба


Архивска фотографија - Средба на министрите за надворешни работи на Македонија и Србија Никола Попоски и Ивица Дачиќ

Архивска фотографија - Средба на министрите за надворешни работи на Македонија и Србија Никола Попоски и Ивица Дачиќ

Остри изјави за вршење притисок и наменети за внатрешната јавност или користење на слабоста на Македонија. Шефот на српската дипломатија се покаја за признавањето на Македонија, а неговиот албански колега го користи терминот Славомакедонци.

Изјавите на соседите, кои ја задираат и Македонија, може да се разгледуваат од два аспекта, велат дел од поранешните дипломати. За едни, тие изјави соседните држави си ги користат за внатреполитички цели. Други, пак, велат дека соседите ја користат политичката ситуација во земјава.

За десет дена две провокации од соседите. Прво српскиот министер Ивица Дачиќ во новогодишно интервју рече дека Србија погрешила што ја признала Македонија под уставното име, затоа што подоцна Македонија го призна Косово. Тој изјави дека признавањето на Косово и поддршката за членство во УНЕСКО, ги оптоварува односите на Србија и дека во иднина Србија може да гласа против интересите на земјите кои не ја поддржувале Србија во прашањата кои се важни за неа.

Албанскиот министер за надворешни Дитмир Бушати, Македонците ги нарече Славомакедонци зборувајќи за улогата на Албанија во составувањето на новата македонска влада.

Претходно, лидерите на партиите на Албанците во Македонија во два наврати беа на средби со албанскиот премиер Еди Рама, по што уследи декларација со барања на партиите на Албанците.

Соседите имаат свои интереси и поради тоа ги даваат овие изјави, вели поранешниот дипломат Благој Зашов. Тој објаснува дека српскиот министер ја дал изјавата поради скорешното гласање за приемот на Косово во УНЕСКО.

„Практично со таа изјава сакаат да извршат притисок врз Македонија да се воздржи од гласањето, за разлика од претходниот пат кога гласаше за Косово. Тоа е една реторика на Србија и заради внатрешни потреби, бидејќи таму наскоро ќе има и претседателски избори“, вели тој.

Што се однесува, пак, до односот на Албанија кон Македонија и кон Македонците, Зашов вели дека албанските власти и претходно користеле назив Славомакедонци.

Aлбанскиот министер за надворешни Дитмир Бушати.

Aлбанскиот министер за надворешни Дитмир Бушати.

„Сакајќи да кажат дека во Македонија има државјани Македонци, а тие се Славомакедонци и Албанци, оти не ги нарекуваат македонски Албанци, туку само Албанци“, вели тој.

Поранешниот амбасадор во Албанија, Ристо Никовски, пак, вели дека соседите го користат моментот на слабост на Македонија и како што вели продолжуваат со политиките за разнебитување на државата, кои траат веќе 25 години.

„Мислам дека тоа се исклучително погрешни политики кои не водат никаде и дека е крајно време светските фактори да сфатат дека Македонија, ваква, каква што е, е најдобро решение, да ни го прифатат историското и уставното име и оваа земја да продолжи да живее на еден нормален и природен начин“, вели тој.

Никовски вели дека македонската дипломатија е во дефанзива веќе подолг период, оти, како што вели, од другата страна на барикадата не се само соседите, туку зад нив стои една глобална политика. Според него, Македонија треба да стави до знаење дека политиките кои се водат се штетни за сите.

„Продолжување на истите ги загрозува мирот и безбедноста и на Балканот и на Европа, врз една долгорочна основа, но од другата страна не се само соседите, туку се многу силни држави, со кои не е лесно да се конфронтираш“, вели Никовски.

И поранешниот дипломат Зашов вели дека не оди на добро сета реторика што доаѓа од соседите, оти основата за натамошната европска интеграција се добрососедските односи.

„Треба ние да внимаваме при реакциите, не да останеме без реакција, како што не останавме без реакција од МНР, но да не сме толку многу чувствителни, па да отвараме фронтови на сите страни“, вели Зашов.

Македонското министерство за надворешни работи реагираше дека не е пристојно, ниту соодветно кога премиер или претседател од соседна земја, директно се меша во внатрешните работи на една земја.

„Особено не во период кога се очекува формирање влада, оти се испраќаат погрешни сигнали во регионот“, реагираат од МНР.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG