Достапни линкови

Уште три месеци вонредна состојба во Турција


Таа најпрвин беше воведена по неуспешниот воен удар на 15 јули, а беше продолжена за три месеци во октомври. Со неа се овозможува владата да го заобиколува парламентот во донесување нови закони.

Исто така, во време на вонредна состојба владата не треба да бара одобрување во врска со натамошното ограничување на правата и слободите кога таа ќе оцени дека е тоа неопходно.

Според официјалните податоци, во Турција се уапсени над 40 илјади луѓе во рамките на истрагите во врска со воениот удар.

Властите сметаат дека зад него стојат следбениците на муслиманскиот свештеник Фетула Ѓулен.

Тој живее во доброволен егзил во Соединетите Држави и отфрла секаква поврзаност со пучот.

Над 100 илјади луѓе, вклучувајќи војници, полицајци, учители, судии и новинари се суспендирани од работа поради сомневање дека биле поврзани со движењето на Ѓулен.

Продолжувањето на вонредната состојба доаѓа во момент кога во Турција се случија повеќе смртоносни напади на исламистите или курдските милитанти.

Последниот беше во неделата кога вооружено лице уби 39 луѓе во еден ноќен клуб во Истанбул за време на дочекот на Новата година.

Во обраќањето до собранието пред гласањето, заменик премиерот Нуман Куртулмуш ја истакна решеноста на владата да се бори против сите терористички организации.

„Со нападот во Ортакој, тие сакаат да дадат други пораки од останатите терористички напади. Една од тие пораки е: „Ќе продолжиме да предизвикуваме проблеми во 2017“. Нашиот одговор е јасен. Без оглед на која терористичка организација и припаѓаат, без оглед кој ги поддржува и без оглед на нивниот мотив решени сме да се бориме против сите терористички организации во 2017 и ќе се бориме до крај“, рече тој.

Одговорноста за нападот во клубот Реина во Истанбул ја презеде милитантната група Исламска држава.

Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу во вторникот изјави дека во минатата година властите осуетиле 339 напади, главно од курдските екстремисти.

Сојлу рече и дека полицијата привела над 3,5 илјади осомничени членови на ИД, од кои 1500 странски државјани.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG