Достапни линкови

Постојана обука за полесно наоѓање работа


Архивска фотографија: Фабрика за текстил
Архивска фотографија: Фабрика за текстил

Работниците кои постојано се усовршуваат полесно доаѓаат до работа, но потребни се и промени во образовниот систем за оние што ќе дипломираат да излезат подготвени за работа.

Потребни се промени во образовниот систем, подготвеност за постојано усовршување на работната сила, но и разбирање и толеранција од работодавачите при вработувањето нови кадри. Овие се трите работи кои, според упатените, треба да се применат за да се намали расчекорот што постои меѓу стручноста на потенцијалниот работник и потребите на пазарот на трудот.

Претседателот на Конфедерацијата на работодавачи Миле Бошков, вели дека корпоративните компании вообичаено имаат свои канали за селекција на менаџери и најчесто бараат искусни и вешти работници, но постојат компании кои бараат работници кои пак, не се целосно подготвени за новото работно место и подлежат на фаза на адаптација и запознавање со работниот процес. Но, и покрај тоа што имаме стручни училишта и факултети, тие работници не се соодветно едуцирани според потребите на работното место, додава Бошков.

„Се е индивидуално. Состојбата ни е различна на различни нивоа. Компанијата си е индивидуална во селекцијата на своите работни места и индивидуално е дали тој кој сака да се вработи сака да научи и низ својата работа, искуство и вештини да напредува или навистина ќе остане на една работна позиција со години без да биде среќен и задоволен од своето работно место“, вели Бошков.

Според него, секогаш има вешти работници кои можат да учествуваат во работниот процес со својот капацитет, но исто така има и несоодветна работна сила чии потреби не соодветствуваат со реалните потреби во компанијата во која сакаат да се вработат.

За слабостите во образовниот систем како една од причините на кои треба да се работи, а со цел да се продуцира соодветен стручен кадар на пазарот на труд, укажува поранешниот министер за образование Сулејман Рушити.

„Реформите во образованието секогаш треба да бидат во чекор со потребите на пазарот на трудот. За жал теоретските промени во образованието не соодветствуваат со потребите во практиката“, вели Рушити.

Во ситуација кога секоја иницијатива во образованието е со партиски предзнак, се создава затворен круг кој не ги следи општествените промени, а голем проблем е што граѓанскиот и приватниот сектор не се вклучуваат во создавањето и спроведувањето на тие стратегии, посочува Рушити.

Бошков смета дека е несериозна тезата оти Македонија нема доволно добра и вешта работна сила или образованието не чини за да може да ги следи потребите на пазарот на трудот. Според него, најверојатно културниот, моралниот, семејниот и општествениот систем не се доволно добри за да може да ги креираат луѓето да бидат вешти и прилагодливи.

Инаку, една од анкетите што ги спровела Светска банка меѓу работодавачите, покажала дека тие се соочуваат со потешкотии во наоѓањето работници со потребните вештини особено за новосоздадените работни места во модерни и динамични компании.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG