Достапни линкови

Стратфор – анализа за 2017


Лого Стратфор

Тешка и неизвесна година за стабилноста на Европската унија, продолжување на конфликтот во Сирија, слабеење на Исламската држава, но и реактивирање на терористичката група Ал Каеда.

Ова се прогнозите на американскиот центар за стратешки анализи Стратфор за 2017 година, која се очекува да донесе нови политички, економски и геостратешки превирања и предизвици во борбата против тероризмот на глобално ниво.

Песизмизам за ЕУ

Особено песимистичка е прогнозата за случувањата во ЕУ, која во 2016 се соочи со британскиот референдум и одлуката на Велика Британија да ја напушти Унијата, бегалската криза и неочекуваното засилување на ултра-десничарските и популистичките политички блокови во клучните европски центри. Според Стратфор, 2017 ќе биде критична година за ЕУ, која ќе се соочи со уште поголема закана за слабеење на нејзината стабилност и зголемен ризик од распаѓање на помали блокови.

„Изборите во државите - столбови на ЕУ: Франција и Германија, како и потенцијалните избори во третата најголема економија во еврозоната - Италија, ќе имаат меѓусебно влијание и претставуваат закана за опстанокот на еврозоната. Како што пишуваме со години, наведува Стартфорд, Европската унија на крајот ќе се распадне. Прашањето за 2017 е до кој степен овие избори ќе влијаат на нејзиното распаѓање. Без оглед на тоа дали ќе победат умерените или екстремистите, Европа и натаму ќе се движи во насока на распаѓање во регионални блокови“, се вели во анализата на американскиот центар.

Ваквиот развој на настаните се смета дека ќе отвори прозорец на можности за Русија да успее да издејствува укинување на дел од европските санкции за неа и ќе има поголем простор за зголемување на влијанието во одредени делови. Русија се очекува да ги подобри и односите со САД преку администрацијата на избраниот претседател Доналд Трамп. Стратфор анализира дека со Трамп, Америка може покаже отвореност за укинување на одредени санкции со Русија, како и за зајакнување на соработка во Сирија.

Затоплување на американско – руските односи

Сепак, потенцијалното американско - руско помирување ќе биде до одредена мера, бидејќи прогнозата е дека Русија би продолжила со одредена стратегиска игра на Блискиот Исток за да може да се пазари со САД за одредени теми. Според анализата, Русија веројатно ќе продолжи да одржува блиски врски со Техеран. Односите САД - Иран и договорот за нуклеано оружје ќе бидат неизвесни и под знак прашалник, бидејќи се очекува влошување на американско - иранските врски поради престојните избори во Иран и промената ставот на САД кон Техеран од администрацијата на Трамп.

Стратфор оценува дека и во 2017 нема изгледи за мир и завршување на војната во Сирија. Проценките се дека ќе се интензивира играта за влијание меѓу Иран и Турција во северна Сирија и северен Ирак.

Војна против тероризмот

Глобално, борбата против тероризмот ќе се соочи со нови предизвици и од Исламската држава, а на сцената се очекува и враќање и нови напади од Ал Каеда.

„Воените операции ќе ја ослабат Исламската држава во 2017, а ќе се интензивира и трката за територија, ресурси и влијание меѓу локалните и регионалните играчи. Меѓутоа, како што Исламската држава ќе слабее на воен план, таа ќе продолжи да спроведува терористичка и бунтовничка тактика и ќе поттикува напади во странство. Исламската држава не е единствената џихадистичка група за која треба да постои загриженост.

Ал Каеда тивко повторно расте во места како северна Африка и Арапскиот полуостров и веројатно е дека ќе биде поактивна во 2017“, предупредуваат од Стратфор.

Економски турбуленции

Американските аналитичари прогнозираат опоравување на цените на нафтата, но и промени и инфлација на светските пазари. Ова се очекува да доведе до мерки за превентивно банкарско стегање на финансиските ресурси и драстично менување на фискалните политики.

На почетокот на годината, поради построгата монетарна политика на САД и засилената вредност на доларот, се очекуваат турбуленции на светските пазари, особено во држави како Венецуела, Турција, Јужна Африка, Египет, Чиле, Бразил и Колумбија.

Силниот притисок врз јуанот и постепеното намалување на странските резерви, пак, се очекува да ја принудат Кина да ги зголеми мерките за контрола за одлив на капитал од државата.

Подготви Миркица Поповиќ

XS
SM
MD
LG