Достапни линкови

Медот - превенција од настинки во зимата


Жителите на Тетово, град со високо загадување на воздухот, со употреба на медот се надеваат дека ќе си го заштитат здравјето.

Зимските месеци се период кога значително голема е побарувачка на медот, пред сè поради верувањата на луѓето во неговите лековити својства. Според народната медицина, медот се користи зашто помага да се надминат настинки и вирусни заболувања на дишните патишта. Исто така жителите на Тетово, град со високо загадување на воздухот, со употреба на медот се надеваат дека нема почувствуваат последици по здравјето.

„Во многу случаи вистинскиот мед придонесува за добра исхрана и здравје на самото население. Медот најмногу се користи за бронхитис, нормална исхрана, особено за децата повеќе, спортисти и за сè“, вели Фуат Јакупи, производител на мед од тетовски Пирок.

Стручните лица кои се занимаваат со пчеларството велат дека уште поголем ефект има доколку медот се конзумира секојдневно. На тој начин како храна го јакне имунитетот на еден организам и делува превентивно во спречување од настинки и вирусни заболувања.

„Инаку медот треба да се конзумира како храна, а не како лек. Често пати сме во ситуација да се разболиме, па потоа медот да го конзумираме. Пред сè треба да се смени една навика кај луѓето којашто во последно време почнува да се применува - медот да се користи секојдневно во исхраната. Секојдневното користење на медот фактички дава превенција да не дојде до заболување на организмот“, објаснува Владимир Антовски, магистер по пчеларство.

Медот ги има сите природни состојки кои му се потребни на организмот и затоа има толку силно дејство и позитивни ефекти, вели пчеларот Менде Трајковски.

„Медот се користи како здрава храна. Здрава природна храна. Во себе ги содржи буквално сите витамини и минерали. Светлиот мед е побогат со витамини, а додека темниот мед од медлика е многу побогат со минерали. На човечкиот организам му се потребни и витамините и минералите“, истакнува Трајковски.

Медот има неограничен рок на употреба. Сепак корисниците треба да знаат како да го препознаат медот во кој нема додавано шеќер или други препрати, велат производителите.

„Вистинскиот мед се препознава брзо и има многу методи. На пример можете во вода да го уфрлите. Вистинскиот мед останува цел, значи не се раствора. Додека тој што е плагијат, тој се раствора во водата“, рече Фуат Јакупи.

Проценките се дека во Македонија мед произведуваат над 8 илјади лица кои имаат околу 260 илјади пчелни семејства.

XS
SM
MD
LG