Достапни линкови

Неделен печат – Референдумски избори


Гласање на претседателски и предвремените парламентарни избори во 2014
Гласање на претседателски и предвремените парламентарни избори во 2014

Умираат деца додека некои уживаат во лудачко скапи мерцедеси, пишува Глобус. Република повикува на изборување на Македонија , а Фокус насловува „Камата на Ќосето или крикот за слобода на граѓаните“?

Глобус - Умираат деца додека некои уживаат во лудачко скапи мерцедеси

Еден од редовните колумнисти во он-лајн магазинот Глобус нè прашува нас, читателите, дали доволно ни се згадило од лагите, измамите и криминалот, од менталниот тероризам на адептите на портокаловиот снобизам и хедонизам кои се препелкаат во леглото од луксузи, зла и перверзиите, за на крај да кажеме: Доста е! Откако реди цела низа дејанија на власта десет години наназад, веројатно за да ги потсети оние со кратко паметење, колумнистот во Глобус повторно прашува: „Зарем сè уште не ви се згади од тоа што умираат деца додека некои уживаат во лудачко скапи мерцедеси, од брендираните баснословно скапи очила за сонце, од плацовите и вилите низ Скопје, од безобразлукот со кој се нарачуваат шамари за градоначалници, од ’течењето низ ногавици‘, од партизираните државни институции, од диригираните телевизиски вести, од лигави, користољубиви конвертити и полтрони кои како политички и економски аналитичари ја бранат мафијата, од изборни кражби, од заташкани убиства, од сомнителните самоубиства на сведоците против мафијата, од полициски тортури врз политичките неистомисленици, од гипс-картонот и кич градбите низ Скопје?“ Колумнистот во Глобус завршува со изјавата дека „По толку многу страдање, ужас и срам што го преживеавме за време на ’преродбата‘, сепак мислам дека настапи време на гадење над нашата скандалозна заостанатост, изолираност, криминализраност. Крајно време е да го осудите и казните сето она што ви предизвикува гадење и да се случи една катарза на разумот и духот.“

Република - Нашата генерација е на потег – избори се за Македонија!

Република е упорна во нападите и оцрнувањето на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, опстојувајќи на тезата дека неговата партија и тој сакале редефинирање на државата на штета на македонските национални интереси. Главниот и одговорен уредник на неделникот, во улога на уводничар, уште во насловот извикува: „Нашата генерација е на потег – избори се за Македонија!“ Авторот ја обвинува СДСМ за наводен антимакедонизам, а како поткрепа за оваа теза, Република наведува: „Очајно барајќи поддршка од Албанците, Заев се дрзна да лицитира со националните интереси, без око да му трепне за последиците по државата и по Македонија“, пишува уводничарот во тој неделник.

Фокус - Камата на Ќосето или крикот за слобода на граѓаните?

Фокус прашува: „Камата на Ќосето или крикот за слобода на граѓаните?“ А потоа авторот на анализата објаснува: „Смрзнат од можноста да ги загуби изборите, Груевски мантра дека СДСМ само на нечесен начин, во договор со албанското криминално подземје може да освои повеќе гласови од ДПМНЕ“. Со тоа, тврди авторот на текстот, „уште од сега си обезбедува алиби да не признае изборен пораз, особено ако опозицијата добие многу гласови од Албанците. Но за тоа пастирот ќе смисли некаков ѓаволски трик, ќе го крене народот на отпор против ’клетите Шиптари и предавникот Заев‘. Неговиот изворен страв е да не доживее дебакл со гласовите на Македонците!“ – предвидува Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG