Достапни линкови

Синдикати за подобар живот - на лидерот


Архивска фотографија: Работници во кичевската фабрика за производство на челични далекуводи, подружница на ЕМО од Охрид
Архивска фотографија: Работници во кичевската фабрика за производство на челични далекуводи, подружница на ЕМО од Охрид

Синдикатот повеќе се грижи за остварувањето на правата на власта, отколку за работниците кои треба да ги претставува.

Мал процент од синдикалните лидери работат во интерес на работниците, а многу повеќе за лична корист и привилегиите кои таа позиција им ги носи, заклучуваат упатените по последните превирања околу изборот на првиот синдикалец. Тоа што во македонското општество има многу малку здрави институции се рефлектира и на апатијата која го зафати синдикалното организирање, вели професор Никола Дујовски.

„Не од вчера, тука веројатно дваесет години наназад синдикатот повеќе е партнер на власта во остварувањето на правата на власта и во негрижата за правата на работниците, отколку што е вистински бедем да нуди решенија и можности за подобрување на правата на вработените, Кога ќе се ослободат државните институции од стегите на државата и власта, ќе можеме да зборуваме и за синдикат кој ќе ги гради правата на работниците и ќе ги застапува на вистински начин“, вели Дујовски.

Кавгите и меѓусебните обвинувања за тоа кој е легитимен претседател и кој ја има поддршката на членовите само покажуваат дека лидерите се борат за превласт и за фотелја, вели професорот Башким Селмани.

„Кај нас барем досега не е докажана таа заштита на работничките права, бидејќи никој од претседателите на синдикатите никогаш не се покажал дека ги штета интересите на работниците туку јавноста ги перцепира како премногу политизирани. Нивните постапки покажале дека тие се под влијание на владејачките партии, а најмалку во интетес на работниците“, вели Селмани.

Сегашната состојба во синдикатот кој речиси цела деценија и се додворува на власта само заради лични интереси на поединци укажува на тоа дека во Македонија економско-општествената состојба е слаба и работниците се незаинтересирани и мислат дека нема кој да се грижи за нив.

„Апсолутно не постои синдикат. Не Сојузот на синдикати, туку и гранските синдикати кои имаат какво било влијание на владините политики, а тоа е директен резултат на тоа што тие со години го премолчуваат и законот за работни односи кој се менува премногу често и навлегува во правата и немањето на колективни договори па барем во половината од гранските синдикати“, вели Дујовски.

Поделеноста меѓу членовите во синдикатите е очигледна, вели Селмани. Постојат две струи, едната што го поддржува лидерот и другата која е против неговото дејствување.

„Вината за оваа состојба е пак кај синдикалните лидери, зошто кога би се грижеле тие за правата на работниците, никој нема да има простор да делуваат други струи. Но работниците имаат исто така право доколку приметат дека им се ограничени правата да покренат постапка пред судовитe“, вели Селмани.

Ваквата состојба нема брзо да се смени иако треба да се земе пример од начинот на кој дејствуваат синдикатите во други земји, велат соговорниците. Според нив работниците мораат да сфатат дека работодавецот треба да им биде партнер, а кај нас работодавецот е се, а работниците само зрно во производствениот процес.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG