Достапни линкови

logo-print

Големата смртност кај новороденчињата слика за здравството


Прес-конференција на Клиниката за гинекологија и акушерство. 17.11.2016

Прес-конференција на Клиниката за гинекологија и акушерство. 17.11.2016

Бројката на умрените доенчиња е огледало на здравствента состојба во државата. Треба да се види какви се условите во породилиштата, што недостасува, кое е нивото е стручност и екипираност, велат познавачите на состојбите.

Трендот на зголемената смртност на новороденчиња во Македонија од една страна е одраз на лошата состојба во здравството, а од друга на социјалните услови на родителите.

Вака дел од здравствените работници ги коментираат последните податоци на Државниот завод за статистика, според кои деведесет доенчиња умреле во третото тримесечје од 2016 година, над два пати повеќе во однос на истиот период од минатата година, кога починале 39 новороденчиња. До октомври оваа година, вкупно умреле 206 бебиња, 18 повеќе во однос на целата 2015 година, кога имало 188 умрени доенчиња.

За да се направи правилна анализа на проблемот, некои здравствени работници посочуваат оти е важно во статистичките податоци да биде наведено во која гестациска недела се случила смртноста на доенчињата, односно дали таа е резултат на предвремено пораѓање, бидејќи како што велат, во многу случаи тоа настанува поради инфекции кои зависат од здравствената култура на трудниците.

Но, пред неколку години во рамки на Министерството за здравство беше формиран Комитет за безбедно мајчинство и здраво дете. Иако од некои членови побаравме, засега не добивме одговори за тоа какви заклучоци се донесени во однос на проблемот, што е превзмено и кои се резултатите.

Бројките апсолутно треба да загрижуваат, вели поранешниот министер за здравство, доктор Ѓорги Оровчанец. Тој наведува дека бројот на умрени новороденчиња отсекогаш бил параметар за состојбата во која се наоѓа здравството во државата.

„Значи, зголемувањето е одраз на севкупната лоша, од една страна социјална сфера на живеење каде што се подразбира хигиенско-социјални услови на родителите: грење, затоплување, храна и друго, а другиот сегмент е здравството. Значи нема добра организираност, има незнаење итн. Сето тоа доведува до пораст на овој број. Кога веќе го имаме овој податок можеме само да констатираме дека ситуацијата е до дно. Практично ножот веќе дошол до коска и ова не треба повеќе вака да остане“, вели Оровчанец.

Тој истакнува дека во оваа ситуација треба да се преземат ригорозни мерки, да се види какви се условите во породилиштата, што недостасува, кое е нивото е стручноста, екипираноста и слично.

„Треба да се направи севкупна анализа и сите тие параметри да се дотераат на едно ниво кое што може да гарантира некоја безбедност. Значи, смртност на доенчиња секогаш ќе постои, меѓутоа овој број е загрижувачки. Тоа значи дека и она што го имаме како наталитет го губиме со наше незнаење, негрижа и лоши услови на рабоота“, вели Оровчанец.

Во однос на проблемот со смртноста на новореоденчињата, во јуни оваа година беше објавен новинарски текст дека повеќе од 80 новороденчиња починале на скопската Клиника за гинекологија за шест месеци. Тогаш лекарите од Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје рекоа дека бројките изнесени во јавноста се вадат од контекст.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG