Достапни линкови

logo-print

ИД инспирира напади во САД


Новинската агенција Амак, која е поврзана со милитантите на Исламската држава, соопшти дека нападот со автомобил, а потоа и со нож во кој беа ранети 11 лица во американскиот универзитетски камп во Охајо бил изведен од „војник на Исламската држава“. Нема независна потврда на овие наводи.

Оваа екстремитичка организација, како што наведуваат светските новински агенции, во последниве неколку месеци повикувала на напади со автомобил и нож, како што тоа беше направено во студентскиот град на Универзитетот во Охајо.

Во текстови објавувани на интернет милитантите на ИД детално опишувале како треба да бидат изведени таквите напади.

Полицијата во Охајо, каде што се случи нападот, соопшти дека ја испитува можноста од тероризам.

Полицијата во Охајо по нападот во Универзитетскиот град

Полицијата во Охајо по нападот во Универзитетскиот град

Сведоците изјавија дека напаѓачот, идентификуван како Абдул Разак Али Артан, 18-годишен студент роден во Сомалија, го насочил возилото кон пешаците по што излегол од колата и почнал да ги напаѓа со нож.

Во веста на новинската агенција Амак е прикажана слика на Артан облечен во сина кошула како седи пред зелена позадина под која пишува:

„Брат Али Абдул Разак Артан, Бог го прифати, извршител на нападот во Охајо, студент во трета година во универзитетот“.

Артан пред нападот на социјалната мрежа Фејсбук наведе дека доколку Соединетите Држави сакаат муслиманите да не извршуваат слични напади ќе треба да склопат мир со Исламската држава.

Повеќето од жртвите во нападот биле удрени со автомобил, додека две биле повредени со нож, соопштија локалните власти.

Артан бил бегалец од Сомалија и имал легален постојан престој во Соединетите Држави.

Тој, заедно со неговото семејство во 2014 година дошол во Соединетите Држави од Пакистан каде што живеел како бегалец од 2007 година.

Артан бил убиен од припадник на универзитетските полициски сили.

Запрашан дали истражните органи го третираат овој напад како терористички, шефот на полицијата Ким Џекобс изјави дека тоа не е исклучено.

„Врз основа на општо знаење – да се премине на тротоар за да се удрат пешаци, а потоа да се излезе и да се почне да се напаѓа со нож, тоа беше намерно“, рече тој.

Во истрагата помагаат и американските федерални служби.

Инаку, во едно интервју за универзитетскиот весник „Латерна“ во август годинава, Артан, кој бил студен по менаџмент, изјави дека неодамна дошол во овој центар и оти се плашал отворено да се моли како муслиман.

„Ова место е огромно, а јас не знам ни каде да се молам. Ако ме видат како се молам не знам што луѓето ќе мислат, што ќе направат. Но, јас го сторив тоа. Отидов зад аголот и се помолив“, рекол тогаш тој.

Со скоро 60 илјади студенти, овој студентски град во Охајо е најголем во Соединетите Држави.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG