Достапни линкови

logo-print

Една деценија грижа за возрасните со интелектуална попреченост во Куманово


Дневниот центар „Порака Наша“ од Куманово, кој згрижува лица со интелектуална попреченост над 18-годишна возраст одбележа 10 години работа.

Реализација на програми за подобрување на состојбата на лицата со интелектуална попреченост над 18-годишна возраст, а истовремено и барање финансии за опстанок на Дневниот центар „Порака Наша“ од Куманово, трае веќе една деценија. Напредок има во секоја смисла, а најголемо задоволство е што корисниците во центарот доаѓаат со насмевка и голема радост.

„Резултати имаме на двете полиња. Корисниците се сега многу поразлични, многу напреднаа во однос на програмата која од година во година се подобруваше. Секој што нè посетувал може да забележи напредок во нивното однесување, нивната социјализација, нивните навики и способности коишто ги стекнале низ годините откако го посетуваат центарот. Од друга страна, задоволни сме што имаме добра соработка со Министерството за труд и социјална политика, со Општината Куманово, бидејќи ја разбраа потребата на овој центар. Овој дневен центар се менаџира како невладина организација, за разлика од другите кои имаат целосна поткрепа од ресорното министерство“, вели Дејан Стојановски, кој како педагог во центарот е од самиот почеток.

Капацитетот на Дневниот центар сè уште е за 21 корисник, но пред една година на место на двајца испишани, згрижени се брат и сестра кои останале без родители. Светлана Димитриевска, социјален работник, вели дека тие добро се вклопиле во средината.

„Одлично се вклопија во активностите во Дневниот центар и одлично напредуваат. Се надеваме дека за нив ќе се најде и друго решение, односно се надеваме на групни домови каде што ќе можат да се сместат и каде што ќе имаат 24 часовна грижа“, вели таа.

Од аспект на Мартина Костовска, психолог во „Порака Наша“, психолошкиот развој кај лицата со интелектуална попречност е многу покомплексен. Согласно тоа и работата со нив има свои специфики. Постојано се воведуваат нови активности, а во тек е проектот на самозастапување и самоодредување. Напредокот кај секој корисник е индивидуален.

„Кај некои корисници оди побавно, кај некои побрзо. Веќе се наѕираат оние на кои полесно им одат одредени задачи во проектот. Најмногу им одат навиките за соочување со сите предизвици што ги носи еден ден, тоа се готвење, хигиена, подготвување, бидејќи сите поминуваат време во кујна и секој од нив знае да готви за себе. Тоа се тие витални работи“, вели таа.

Костовска посочува дека преку проектот за самозастапување корисниците се оспособуваат самите да зборуваат за себе, да ги искажуваат своите ставови, стравови, желби, потреби.

Еден од корисниците кој се издвојува од останатите е Ненад Димитриевски.

„Во центарот ми е супер. Сè ми се допаѓа. Секој ден доаѓам и сакам да доаѓам. Никаде не ми се оди на друго место, само тука ми се допаѓа. Тука ми е најубаво. Учам сè, како да се однесувам, од сè по нешто. Имам 37 години“, вели тој.

И останатите корисници се комуникативни, секој според своите способности. Раскажуваат кого имаат, што работат дома, дека викендите им се најздодевни бидејќи тогаш не работи центарот. Во центарот се чувствуваат како свои на своето, исполнети по секоја завршена задача.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG