Достапни линкови

Дали заканите на Трамп кон Куба се реални?


Избраниот американски претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ги прекине напорите на администрацијата на Барак Обама за нормализирање на односите со Куба. Тоа го покрена прашањето дали новата администрација ќе го смени курсот на тековното обновување на односите меѓу двете земји.

„Ако Куба не сака да направи подобар договор за кубанскиот народ, за кубанските Американци и за целата Америка ќе го прекинам договорот“.

Ова го напиша Трамп на Твитер додека Кубанците се подготвуваат да го погребаат Фидел Кастро, комунистичкиот лидер кој ја водеше револуцијата во 1959 година и од тогаш до 2006 година владеше во Куба.

Американскиот универзитетски професор Филип Бренер, експерт за кубанско-американските односи, оценува дека смртта на Кастро нема да има големо влијание врз односите на двете земји со оглед на тоа што тие се подобрија откако помладиот брат на Фидел Раул дојде на власт во 2006 година.

„Мислам дека е можно твитовите на Доналд Трамп и неговата реторика да се симболични. Исто така е можно да се потпира врз неговата сопствената реторика и да се чувствува принуден да направи нешто за да го поткрепи тоа. Ние не знаеме како Доналд Трамп работи во реалниот свет“, рече тој.

Претходно, портпаролот на Белата куќа Џош Ернест рече дека шансите за „укинување на договорот се прилично далечни“.

„Ако за ништо друго, тогаш затоа што ќе биде исклучително сложено и скапо за да се направи тоа. Исто така е тешко да се објасни ако тврдите дека на ум го имате најдоброто за кубанскиот народ, но огромно мнозинство на кубанските граѓани всушност ја поддржуваат политиката. Значи, повторно сето тоа е многу тешко“, рече тој.

Кубанци чекаат да му одадат почит на починатиот лидер Фидел Кастро, Хавана 28.11.2016.

Кубанци чекаат да му одадат почит на починатиот лидер Фидел Кастро, Хавана 28.11.2016.

Професор Бренер исто така смета дека сегашната политика е добра за Соединетите Држави.

Затоа, според него, сево ова ја остава Куба во позиција да чека и да види што ќе направи Трамп кога ќе влезе во Белата куќа.

„Тој има моќ како претседател да не ја признае Куба. Но, она што мислам дека тој ќе го направи е веројатно дека нема да назначи амбасадор. Амбасадата ќе продолжи да функционира. Се уште ќе има редовни односи, но тоа ќе биде на ниво на вршител на должност, а не на амбасадор“, вели тој.

Ова, според Бренер, ќе биде симболичен гест за кубанско-американската заедница која го поддржа Доналд Трамп, но ќе им омозможи на Соединетите Држави да ја продолжат работата со Куба.

Бренер потсетува дека дури Трамп да сака да стори нешто со ембаргото врз Куба, тогаш ќе мора да добие одобрување од Конгресот.

Иако тој е под контрола на републиканците, сепак не се знае колку од нив ќе ја поддржат и евентуланата политика на Трамп спрема Куба.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG