Достапни линкови

logo-print

Тутунскиот комбинат Прилеп започна со предвремен откуп


Откуп на тутун во најголемиот откупувач во прилепско, Тутунски комбинат.

Откуп на тутун во најголемиот откупувач во прилепско, Тутунски комбинат.

Тутунарите годинава произвеле 20.000 тони тутун. Прилепскиот Тутунски комбинат ќе откупи околу 3.000 тони тутун, парите за реколтата се обезбедени, тврди раководството, така што исплатата ќе тече непречено.

Откупот на тутунот во прилепско започна предвреме. Најголемиот откупувач во регионот ги отвори вратите за преземање на родот од кооперантите.

„Ќе имам некаде 1.500 килограми, годинешнава реколта е квалитетна. Ние производителите сме задоволни. Според цената не се исплаќа работата, зашто третата класа е многу ниска 140 денари, да биде некаде до кај 200 денари, па да ни се исплати обработката на тутунот“, вели Селајдин Еминоски, долгогодишен тутунопроизводител, кооперант на прилепскиот Тутунски комбинат.

„Некаде очекувам околу 500 килограми реално, во ценењето очекувам дека ќе оди просек од 180 до 190 денари за килограм. Тутун носам, но имам уште дома, оти не можев да го доработам, па тој ќе го оставам за натаму. Па според договорот, досега како што е стандардот цените се ниски, ама како што е потпишано, така ќе си врви“, изјави тутунарот Кире Мирчески.

Од Комбинатот истакнуваат дека откупните цени за оваа година се веќе договорени и внесени во договорите што кооперантите ги потпишаа со комбинатот, уште пред да почне сезоната на садење. Но, потенцираат дека реколтата е со подобар квалитет и очекуваат просечната откупна да биде повисока од ланската. За овие неколку дена впрочем е постигната просечна цена од преку 190 дена.

„Лани беа зголемени цените и оваа година, зборувам за цените во договорите. Просечната цена понатаму се добива како резултат на тоа колку количества во која класа ќе се откупат. Меѓутоа договорните цени се зголемени за 4-5 проценти во однос на ланските. И претходно беа зголемени за некој процент, така да имаат реално тенденција на зголемување. Тутунски комбинат е значаен играч на пазарот, меѓутоа не е лидер. Така што, ние не можеме да се поставиме во позиција да ги диктираме и да ги наметнуваме цените“, вели директорот Александар Дерменџиев.

Комбинатот ќе откупи околу 3.000 тони тутун, парите за реколтата се обезбедени, тврди раководството, така што исплатата ќе тече непречено.

„Договорите ги правиме со исплата на 30 дена, меѓутоа бидејќи има поголема побарувачка, минатата година беше случај, цениме дека и годинава ќе има зголемена побарувачка од понуда, со цел да бидеме конкурентни исплатата ќе биде во рок од седум дена, како и другите откупни компании“, додава генералниот директор, Дерменџиев.

Од Сојузот на тутунски здруженија на Македонија, со оглед на поволните временски услови годинава, велат очекуваат просечни повисоки откупни цени, реална проценка и навремена исплата на родот. На ниво на држава реколтата е тешка околу 20.000 тони, или за преку 6.000 тони помалку во однос на производството од пред неколку години.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG