Достапни линкови

Иванов не полета за Истанбул, поради „телефон без сопственик“


Авиони на „Туркиш ерлајнс“ на меѓународниот аеродром во Истанбул.

Авиони на „Туркиш ерлајнс“ на меѓународниот аеродром во Истанбул.

Од Министерството за внатрешни работи денеска информираа за преземените мерки по пријавата за сомнителен предмет во авионот „Туркиш ерлајнс“ кој синоќа требаше да лета на релација Скопје - Истанбул, а со кој требаше да патува и македонскиот претседател Ѓорге Иванов и други членови на македонска делегација. Бил пронајден мобилен телефон, чиј сопственик не е познат, па биле спроведени стандардните безбедносни процедури. МВР соопшти дека по барање на капетанот, воздухопловот бил вратен на позиција за да се изврши инспекција, односно дополнителен преглед на целиот авион.

По извршениот преглед, откако не било пронајдено ништо сомнително, авионот полетал за Истанбул и безбедно слетал таму.

„Од страна на службите од кабинетот на претседателот Иванов, кој, исто така требал да лета со воздухопловот, по добиените информации од страна на сите релевантни служби на аеродромот, одлучено било делегацијата на претседателот да не го продолжи патувањето“, соопшти МВР. Од натамошно патување се откажале уште седум други патници.

Претставништво на „Туркиш ерлајнс“ во Македонија во денешното соопштение до медиумите им се извинува на патниците поради вчерашниот неочекуван настан и доцнењето на летот Скопје – Истанбул.

Од „Туркиш ерлајнс“ потенцираат дека исклучително внимаваат на безбедноста и задоволството на патниците.

XS
SM
MD
LG