Достапни линкови

logo-print

Југохром на протест: Празниот стомак посилен од екологијата


Југохром не загадува како што е прикажано во јавноста, велат работниците во фабриката. Од Министерството за животна средина категорични дека комбинатот ќе мора интензивно да работи на поставување на филтрите.

Околу илјада вработени во тетовската фабрика Југохром денеска протестираа на раскрсницата кај Судската палата во Скопје, против одлуката на инспекторатот на Министерството за животна средина со која беше запрена работата на комбинатот поради отсуство на филтри за прочистување на отпадните гасови од печките.

Тетово е најзагаден град во Европа и без работењето на Југохром, велат работниците, истакнувајќи дека не им треба екологија на празен стомак.

Ненад Спасеновски, кој е вработен во фабриката, вели дека неговиот татко 85 години живее во Јегуновце и дека досега немал проблеми со здравјето.

„Денеска сме дојдени за протест затоа што нашата фабрика, од којашто егзистираме околу 800 души, е затворена пред два месеци по наредба од Министерството за екологија“, вели Спасенвски.

Негов сограѓанин од Тетово бара Владата веднаш да донесе одлука за отворање на фабриката Југохром, бидејќи според него таа не е загадувач.

„Не сме ние против филтри, нека стават филтри. Нека ставаат помалку коњи и магариња низ Скопје и нека стават филтри. Но, тие луѓе што се на улица, кој ќе се грижи за нив? Тие треба да јадат, работеле толку време, има луѓе пред пензија, што е ова? Не ли е срамота? Еден од тие сум јас, имам 63 години па не умрев, не умрев од тоа што е загадено!“

Бајрам Ќамили е Раководител на погон во фабриката. Тој вели дека таа не е единствениот загадувач во Тетово, а оти Југохром се соочува со проблеми околу документација во општината и во Министерство за транспорт и врски.

„Таман почнавме сериозно да ги градиме тие филтри, значи фундаментот е направен, направена е метална конструкција, ангажирана е фирма за изградба на филтри, таман кога почнавме да градиме, тогаш ни дојде инспекција“, вели тој.

Преставниците на Синдикатот на вработените во Југохром побараа Министерствто за животна средина да излезе со точни податоци за тоа колку фабриката загадува, а тие ветија дека потоа ќе направат притисок до менаџметот на компанијата да ги постави филтрите.

„Тогаш ќе се види дека Југохром не е таков загадувач како што некој сака да го прикаже во јавноста. Ние како Синдикат само бараме сите институции да ги тргнат рацете од Југохром и еднаш за секогаш да не остават да работиме, да го заработуваме лебот, бидејќи за нас Југохром значи живот. Во наредниот период со уште пожестока реакција и притисок ќе се бориме за зачувување на нашите работни места. Ако се затвори Југохром тоа значи раселување и напуштање на тие простори“, вели Светислав Спасовски – член на синдикалниот одбор на Југохром.

Вработените во Југохром денеска по протестот ги однесоа нивните барањата во државниот инспекторат. Тие бараат и да добиваат плата додека фабриката е затворена, а му дадоа рок на Министерството за тоа да одлучи до понеделник.

Во меѓувреме, Министерстото за животна средина свика прес-конференција.

Министерот Башким Амети изјави оти ги разбира барањата и маките на вработените во фабриката, но дека сепак раководството на комбинатот ќе мора интензивно да работи на поставување на филтите за да може работниците да се вратат на работа.

„Го охрабрувам раководството на комбинатот да изнајде решение за барањата на вработените се до поставување на филтрите. Потенцирам дека здравјето на граѓаните и на нашите деца за нас е врвен приоритет“, вели Амети додавајќи дека сите други големи загадувачи, кои подлежат на А-интегрирани еколошки дозволи, ги исполниле условите.

Големите индустриски загадувачи во 2006 година добија обврска да обезбедат „А-интегритрани еколошки дозволи“, откако ќе ги инсталираат потребните филтри. Југохром работи повеќе од 50 години, филтри досега не беа поставени, а единствено е познато дека таквиот процес е почнат.

Фабриката е дефинирана како еколошка жешка точка. Во минатото во неа се производуваше феро-хром, односно легури од железо и хром, а потоа во печките се правеа производи од феро-силициум, отпадно железо и кварц.

Според репрограмираниот Оперативен план што раководството на Југохром го доставило до Министерството за животна средина и просторно планирање во февруари 2011 година, било предвидено во фабриката да бидат инвестирани вкупно 19 и пол милиони евра, од кои 17 и пол милиони за изградба на систем за отпрашување на отпадните гасови со краен рок до 30.06.2015 година.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG