Достапни линкови

logo-print

Ана Јовановска со визуелизација на човековиот придонес за неговата човечкост


Ана Јовановска, сликарка

Ана Јовановска, сликарка

„Буквата за себе и човекот“ е насловена изложбата на графики, објекти и видео на ликовната уметница Ана Јовановска, што од 25 ноември до 8 декември, ќе се одржи во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Станува збор за визуелно истражување кое е „обид за разработка на човековиот придонес за неговата човечкост, на паралела со јазикот и прикажување на поврзаноста на структурите во општеството преку структурите кои ги нуди јазикот“.

По нецели два месеца од претставувањето во галеријата на ФЛУ во Скопје, Ана Јовановска со „Буквата за себе и човекот“, постановката на графики, објекти и видео, еве ја во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во родното Куманово. Станува збор, како што ќе забележи авторката, за визуелно истражување кое е „обид за разработка на човековиот придонес за неговата човечкост, односно за човековата природа во човековото општество, на паралела со јазикот и прикажување на поврзаноста на структурите во општеството преку структурите кои ги нуди јазикот“.

„Ова е еден процес кој решив да го затворам со оваа изложба и којшто се обидува да направи паралела во општеството во коешто живеам преку структурата на јазикот, односно во овој случај поголемиот дел, бидејќи станува збор за процес, е земено за пример буквата А“, вели Јовановска.

Говорејќи за концептот, таа истакнува дека првин морала да прави многу експерименти во интерес на валидно претставување на темата. Да се користи со неконвенционална графика, односно на некоја различна материјализација на таа графика.

Вели дека темата дискутира за моќ и за човековата употреба на неговата моќ. Крајниот заклучок би бил дека тоа е еден процес кој е цикличен, значи е и причина и производ на неговата сопствена моќ. Односно, тој е трпител, а воедно создава и моќ.

„Моќта не е некоја појава која лебди во воздухот како магла над малечкоста на човекот. Таа е содржана во човекот. Тој е трпител и носител на моќта, односно немоќта. Тој е двигател на дејствието, тој ја создава акцијата и тој реагира на истата, за разлика од неизбежната условна последичност на две различни сили објаснети со третиот Њутнов закон. Човекот, како свесно битие има влијание врз текот на настаните, иако секогаш подлегнува на својата човечкост“, појаснува уметницата.

Професор м-р Мирко Вујисиќ, пак, во својот осврт врз „Буквата за себе и човекот“, поместен во каталогот за изложбата, пишува дека Јовановска, во своите графики, ја осведочува улогата на длабокото човеково значење на говорот, звукот децидиран во глас, гласот во артикулација на говорот и начинот на кој тој визуелно се репрезентира во еден јазик определен во знакот „буква“. Вели дека „симболистички и ликовно, промислено ги оформува знакот/знаците и буквите во повеќедимензионално значење, подредувајќи ги во композициски системи со израз на оформена ликовно-графичка култура“. Конечно во своето писание тој заклучува дека „Ана претставува создавање на ликовна симбиоза на вербалната експликација на социолошко-теориската тематика која во модерната уметност е најчесто консеквентно реторичка, во длабоко поетска, сетилна и артистички промислена ликовност“.

И, кон ова уште малку фактографија. Родена 1991 година, Ана Јовановска дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за графика и графички дизајн. Како Еразмус стипендист студирала и на Факултетот École supérieure d'arts & médias de Caen/Cherbourg во Франција. На уметничката сцена е присутна од 2007 година и досега самостојно освен во Скопје и во Врање, соседна Србија, се претставувала и во Кан, Франција. Учесник е на повеќе од 60-на групни постановки во земјите од регионов, низ Европа и во Мексико, Аргентина, Колумбија и САД. Посебно бележити се нејзините пројави на XI Биенале на млади, во Националната галерија на Македонија во објекот Мала станица, на Привремената духовна ремедијација и во рамките на Скопско лето со инсталацијата „Скопје, јас и ти“. Згора на тоа Јовановска со свое дело е присутна и во колекцијата Imago Mundi, авторка е на некомерцијалната книга Collection of False Memories и е една од петте номинирани за наградата Млад уметник на годината „Денес“ во 2016 година. А, кога сме веќе кај наградите, не смее да се заборави и тоа дека таа е добитничка и на наградата за најдобра графика „Драгутин Аврамовски-Гуте“ што ја доделува ДЛУМ и на Гранд при на VIII-от Младински пролетен салон.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG