Достапни линкови

logo-print

Вработените во Југохром загрижени за егзистенција


Вработени во „Југохром“ протестираат против одлуката за затворање на комбинатот.

Вработени во „Југохром“ протестираат против одлуката за затворање на комбинатот.

Вработените во Југохром се загрижени за нивната егзистенција, откако фабриката беше затворена од Државниот инспекторат за животна средина, оти фирмата се уште не поставила системи за отпрашување. Тие бараат итен договор меѓу владата и раководството на компанијата.

Над 700 семејства на работници во фабриката Југохром се во исчекување и неизвесност околу нивната егзистенција откако беше запрена работата на печките со одлука на државниот Инспекторат за животна средина. Причината е тоа што раководството на фабриката до крајниот рок 31 октомври не ги исполни обврските за изградба на систем за отпрашување во рамки на интегрираната А еколошка дозвола.

Работниците јавно преку неколку протести го изразуваат своето незадоволство и бараат сопствениците и институциите да го надминат проблемот.

„Државните институции останаа глуви по барањата што ние ги испративме. Југохром не е толкав загадувач како што некој сака да го прикаже во јавноста. Ние како Синдикат испративме барања до менаџерскиот тим, додека не се реши проблемот, работниците да го задржат статусот на вработени, односно да нема отпуштање од работа. Барањето ни беше испратено и до министерот за животна средина, доколку менаџерскиот тим не е во можност да изготви плата до решавање на проблемот Владата да изготви социјален пакет. Со забрзано темпо да продолжи со изградба веќе почнатата градба на системот за отпрашување“, вели Светислав Ристовски од Синдикатот на фабриката.

Работници од Југохром го блокираат автопатот Скопје - Тетово.

Работници од Југохром го блокираат автопатот Скопје - Тетово.

Генералниот директор на Југохром, Васко Скендеровски, смета дека постои некоординираност меѓу институциите околу одлуката за запирање на работата на фабриката. Оценува дека има правни аргументи со кои ќе докаже дека печките треба да продолжат со функционирање.

„Прво, државниот инспекторат не е највисокиот орган. Треба да се произнесе Владата во делот на работењето. Второ е моментот на тоа дека ние од објективни причини не успеавме да ги завршиме сите активности околу А интегрираната дозвола. Градежната дозвола која што беше првиот фундамент за почнување на визуелни активности ја добивме на 18 јули. Тоа беа објективни причини, не беше субјективна наша волја да не сакаме да направиме. За 3,5 месеци максимално направивме што може да се направи. Јасно ја изразивме нашата волја и желба. Ние инвестиравме преку 300 илјади евра досега само за тие градежни активности“, вели Скендеровски.

Работниците и менаџментот постигнаа договор да се исплати плата за ноември, иако не се работи, но останува неизвесноста за понатаму.

„Сега преговараме исто така работниците статусот на вработени да го задржат за месец декември. Меѓутоа не се знае колку ќе има, флексибилност, разбирање кај газдите“, вели синдикалецот Ристовски.

И директорот Скендеровски се надева дека нема да има отпуштања на работниците.

Ќе седнеме повторно да разговараме за нивниот статус. Мислам дека пак ќе најдеме некое оптимално решение за сите. Да нема отпуштања масовни итн. Ќе видиме да го истераме и декември во некоја ваква фаза, рече Скендеровски.

Во јануари и февруари годинава Југохром не работеше со одлука на раководството со цел да не се намали влијанието врз загадувањето на воздухот.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG