Достапни линкови

Се зголемува старосната граница за пензија?


Средба на премиерот Емил Димитриев со Сојузот на пензионери, предводен од претседателот Драги Аргировски, октомври, 2016.

Средба на премиерот Емил Димитриев со Сојузот на пензионери, предводен од претседателот Драги Аргировски, октомври, 2016.

Се соочуваме со ризик Фондот за пензиско да стане неодржлив и на краток рок. Во оптек е предлог во пензија да се оди со 67 за мажи и 64 години за жени наместо како досега.

Моменталната состојба со пензискиот Фонд е неодржлива и нешто мора да се менува, велат аналитичарите по категоричните посочувања на монетарците за зголемување на старосната граница за пензионирање како и на стапката за придонеси, со цел одржливост на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Во оптек е предлог во пензија да се оди со 67 за мажи и 64 години за жени наместо како досега.

Поранешната директорка на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, МАПАС Зорица Апостолска, вели дека и домашните експерти повеќе пати јасно кажаа дека од година во година има постојано зголемување на дефицитот, а сега укажуваат дека веќе се соочуваме со ризик Фондот да стане неодржлив и на краток рок.

Час поскоро мора да се прават реформи, вели Апостолоска, дополнувајќи дека не може да се потпреме само на една мерка за подобрување на приходната страна на Фондот. Според неа ќе треба да се интервенира и во покачување на стапката на придонеси во однос на подобрување на идните приходи, како и во смирување на расходите со зголемување на старосната граница. Секоја реформа е болна, но и не е така страшно, ако темелно се пристапи и се објасни на јавноста, зашто ништо не може да се прави одеднаш и да ги изненади луѓето, вели таа.

„Сето тоа може да се прави постепено, меѓутоа што поскоро се почне со таквите чекори, толку полесно ќе се поднесе. Ако тоа се одолговлекува како мерка или мерки, тогаш ќе биде поболно и ќе стане потребата час поскоро да се направи. Да речеме старосната граница како се прави во светот како покачување. Тоа не значи дека од утре старосната граница ќе биде 65 или 67 години, ова само како приемер го земам, туку тоа треба да го следи очекуваното траење на животот. Така ќе биде поиздржливо и потолерантно, наместо тоа да се случи одеднаш“, вели Апостолска.

Од Конфедерацијата на работодавачи истакнаа дека во земјите од ЕУ исклучително внимаваат покачувањето на стросната граница да го поврзат со очекуваното траење на пораст на животот. Претседателот Миле Бошков, вели дека во Македонија луѓето ќе треба да работат повеќе, но нагласува дека тоа треба да биде само на доброволна основа.

Тој вели дека во поголемиот дел од земјите во ЕУ зголемувањето на старосната граница е поврзано паралелно и со одржливоста на Фондовите, но и со квалитетот на живеење. Многу луѓе во земјите од ЕУ, како што истакнува Бошков, остануваат и продолжуваат да работат поради подобрување на стандардот и квалитет на животот и услугите кои ги примаат како подобро здравство, подобар сообраќај, подобри вложувања во земјоделието итн, дополнувајќи дека тоа го намалуваат стресот и психичкото трошење, а тоа е подобар квалитет на живеење.

„Тоа ќе треба да биде предлог на доброволна основа, иако тоа и сега се случува, но да се потенцира доброволната основа да не биде морално и обврзно. Некои луѓе во одредени дејности ги губат квалитет, знаењето, продуктивноста, им се намалуваат физичките карактеристики и тоа е природен процес, а не дека не сакаат. И ќе треба да се размислува како тоа ќе го наметне државата врз основа на доброволно пријавување“, вели Бошков.

Тој кажа и дека во Македонија бизнис-заедницата треба да очекува да има зголемување на даноците од добивка по сите основи, но потенцираше дека треба истовремено да се побара и поголема транспарентност и консултација во носење клучни закони. Претседателот на конфедерацијата на работодавачи истакна дека мора да се работи и на мерки на штедење.

Тој го истакнува и фактот дека до предупредувањето на ММФ за недржливост на Фондот и потребата од ревидирање на политиките доаѓа во момент на политичката кампања во земјава за престојните избори во декември. Според него монетарците со ова јасно ја праќаат пораката дека неопходни се и мерки на штедење.

„Во овие моменти на економски предлози низ политичките програми на политичарите многу малку слушаме за мерки на штедење. Нон стоп слушаме за зголемување на стандардот што е одлично, но битно е на која основа тоа ќе се направи“, вели Бошков.

Инаку меѓународните институции исто така повикуваат на воздржување од нови зголемувања на пензиите, тие продолжуваат. Непосредно пред претстојните избори односно следниот месец пензионерите ќе добијат пет процентно зголемување на пензиите. Доколку не се преземат мерки за одржливост на фондот, монетараците прогнозираат дека дефицитот на фондот од 4,5 отсто од БДП во 2030 година ќе достигне 10,5 отсто.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG