Достапни линкови

logo-print

Судот ја одби жалбата на СЈО за „Трезор“


Архивска фотографија, Прес конференција во Специјалното јавно обвинителство за случајот Трезор

Архивска фотографија, Прес конференција во Специјалното јавно обвинителство за случајот Трезор

Основниот суд Скопје 1 го одби барањето на Специјалното јавно обвинителство за определување на мерка претпазливост за тројца осомничени од аферата „Трезор“. Во писменото соопштение на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција е наведено дека ја отфрла жалбата на СЈО за неопределувањето на мерките за претпазливост против три лица опфатени во предметот на СЈО во јавноста познат како „Трезор“ како неоснована.

Претходно Судот по двочасовен распит не му го одзема пасошот на поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијаков кој е осомничен во овој предмет.

Слично постапи и Апелацискиот суд кој ја одби жалбата на СЈО, со која не беше прифатено барањето на обвинителството за иземање на судијата надлежна за определување мерки за претпазливост против три лица опфатени во предметот Трезор. Во објаснувањето тогаш беше посочено дека Судот ја смета за неснована жалбата, бидејќи не постојат околности кои предизвикуваат сомнение за непристрасност на судијата за кој се бара иземање.

Минатиот месец, судот го одби и барањето на СЈО за притвор за еден осомничен во овој предмет. Позитивно постапи само во однос на барањето за замрзнување на банкарските сметки на правното лице ДТУ „Финзи“ ДООЕЛ Скопје.

Во предметот „Трезор“ осомничени се раководни лица од УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи. Станува збор за истрага за економски криминал, односно за наводно испумпани над 800 илјади евра од буџетот во име на набавка на опрема за МВР.

XS
SM
MD
LG