Достапни линкови

logo-print

Непознат бројот на фирми со Б еколошки дозволи во Тетово


Архивска фотографија: Загаден воздух во Тетово

Архивска фотографија: Загаден воздух во Тетово

Општина Тетово сè уште нема точни податоци за состојбата со помалите фирми кои се обврзани да ги спроведат еколошките протоколи што би помогнало во намалување на загадувањето на воздухот. Тетово се гуши во нечист воздух.

Во Тетово не е познато колку и какво влијание имаат врз загадувањето на воздухот производствените капацитети кои се обврзани да поседуваат Б интегрирана еколошка дозвола. Иако оваа законска обврска постои уште од 2006 година, во 2014 од општина Тетово за Радио Слободна Европа информираа дека допрва се подготвуваат за издавање на ваквите дозволи со кои фирмите се обврзани на одредени еколошки стандарди.

Две години подоцна општината сè уште нема точни податоци за состојбата со помалите фирми кои се обврзани да ги спроведат еколошките протоколи што би помогнало во намалување на загадувањето, како и во рамки на прилагодување кон стандардите на Европската унија од областа на животна средина.

Извесно е дека со работа почнал оддел во рамки на секторот за комунални дејности, од каде велат дека во иднина ќе можат да дадат соодветни информации. Градоначалничката Теута Арифи информира дека се врши инспекциски надзор на тие што веќе имаат Б еколошки дозволи.

„Ние по законски процедури обврзани сме тоа да го направиме, додека дополнително можеме да информираме во каква процедура и во каков стадиум се наоѓаат разните компании кои се обраќаат до нас. Инаку, како што знаете, редовно ги инспектираме тие кои веќе поседуваат Б еколошки дозволи“, изјави Теутa Арифи.

Аријанит Џафери од еколошката организација Еко Герила вели дека и во овој случај со Б дозволите, како и со сите други причини кои влијаат врз загадувањето во Тетово, од страна на општината се бележи постојана недоследност и неефикасност во справувањето со најголемиот проблем.

„Мислам дека законски општината треба да дава такви Б дозволи. Не знам како стојат, не сакам да шпекулирам, мислам дека има некои проблеми. Би требало, начинот на кој се водат работите кај нас. Имаме депонија во градот што не е дозволено. Верувам дека има производствени капацитети кои немаат Б дозволи“, изјави Аријанит Џафери од Еко Герила.

Од 1 ноември со одлука на државниот инспекторат за животна средина не работи фабриката Југохром, поради немање систем за отпрашување во рамки на потребната А интегрирана дозвола. Од друга страна, мерните инструменти за квалитетот на воздухот и понатаму бележат денови во кои присуството на отровните материи во воздухот ги надминуваат дозволените 50 микрограми ПМ 10 честички на метар кубен.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG