Достапни линкови

ЕУ - Изборите можност за нов почеток, од политичарите се очекува многу


Еврокомесарот Самуел Жбогар на прес конференција во седиштето на ЕУ во Скопје.

Еврокомесарот Самуел Жбогар на прес конференција во седиштето на ЕУ во Скопје.

Изборите на 11 декември претставуваат можност за нов почеток на земјата, можност да се обедини околу своите стратешки цели и да се врати на патот кон европската интеграција, стои во писменото соопштение на амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Скопје.

„Ние ги охрабруваме политичките лидери, нивните партии и засегнатите релевантни страни да го искористат изборниот процес за да ја зацврстат и да ја покажат својата посветеност на демократските вредности и владеењето на правото, како и да покажат подготвеност за решавање на сите предизвици со кои се соочува земјата. Како такви, изборите ќе бидат важен индикатор за почитување на демократските вредности“, стои во писменото соопштение.

Амбасадорите од ЕУ ги повикуваат политичките лидери и другите актери во изборниот процес да ги спроведат изборите без заплашување и насилство и на начин на кој нема да се зголемат политичките и меѓуетничките тензии и да се продлабочи поларизацијата во земјата.

Исто така потсетуваат и на важноста од јасно одвојување на државните од партиските активности, пред, за време и по изборите.

Од Канцеларијата на ЕУ ги повикуваат медиумите да им овозможи на граѓаните разновидни и објективни информации кои им се потребни за да направат избор на денот на гласањето. Упатуваат и апел до сите државни институции да ја поддржат работата на Државната изборна комисија за подготовка на овие избори.

„Само фер кампања и веродостојни избори, кои ќе бидат потврдени како такви од страна на меѓународните набљудувачи, ќе овозможат силен мандат на новата влада и парламентот“, се наведува во заедничката пишана изјава.

Во соопштението стои и дека главен приоритет на политичарите треба да биде искрено спроведувањето на сите елементи од договорот од Пржино, особено спроведувањето на итните реформи. Според нив треба да се воспостави и правна и политичка одговорност за оние кои прислушувале, како и за содржината на прислушувањите материјали, а тоа е потребно за да се затвори политичката криза. ЕУ ги повикува сите граѓани да го искористат своето демократско право на глас и со тоа да ја обликуваат иднината на својата земја, а партиите да ги прифатат резултатите од гласањето.

XS
SM
MD
LG