Достапни линкови

Деветтиот Скопје постер фестивал за кризата на идентитет


Скопје постер фестивал 2016, постер

Скопје постер фестивал 2016, постер

Од 21 до 30 ноевмри, во Музеј на Град Скопје, во организација на „Плакарт“, ќе се одржи деветото издание на интернационалниот Скопје постер фестивал, манифестацијата посветена на студентите по графички дизајн и визуелни комуникации, но повеќе од атрактивна и за професионалните дизајнери и за пошироката публика. Учесниците на годинашниот конкурс твореа на тема „Криза на идентитетот“, како потреба од реакција против етничката, културната, верската, возрасната и половата подвоеност.

За едни, плакатот е промотивен медиум за настан. За други, тоа е уметничко дело кое се појавува и останува во долго сеќавање. Искористувањето на читливоста и моќноста на пораката, содржана во плакатот со уметничка вредност, го прави еден од најдобрите и најфункционални медиуми низ историјата, дури и денес. Визуелните уметници, графичките дизајнери, се несомнено најдобро сфатените пренесувачи на пораки. Погледнете само кој вид на содржина е најпопуларна и следена со најмногу интерес на социјалните мрежи?!

Ова ќе биде запишано во посланието на Гере Постеров, од „Плакарт“, до учесниците на меѓународниот конкурс, во пресрет на одржувањето на годинашното, деветто по ред издание на Скопје постер фестивал, што треба да се обистини од 21 до 30 ноевмри, во Музеј на Град Скопје.

Ттие, пак, требаше да творат на тема „Криза на идентитетот“, со идеја визуелно да одговорат на потребата од реакција против етничката, културната, верската, возрасната и половата подвоеност. Да се фрли малку повеќе светлина врз овој корпус на глобални прашања кои несомнено никого не остават рамнодушен во последно време.

Токму поради тоа, оваа тема не случајно испливала пред потписниците на Скопје постер фестивал, а тие во својата експликација знаат да кажат дека има неколку причини за тоа. Едната е да се поттикнат оние најскриени потенцијали кај младите дизајнерски надежи, студентите по графички дизајн и визуелни комуникации ширум светот, носителите на онаа млада и неизвалкана мисла да размислуваат малку пошироко и поотворено, а другата е актуелноста на самото прашање во широки рамки.

„Денес во глобални рамки се соочуваме со етничка, културна, верска, возрасна и полова идентификација и одвоеност. Денес сè повеќе прашања се врзани со идентитетот и предизвикуваат чувство на фрустрации и загрозеност, но и за жал често овој поим се поврзува со дневно-политички збиднувања, меѓутоа не е тоа единствена и целна причина. Можеби брзиот технолошки напредок и вештачката интелегенција прават некаква забуна околу идентификувањето, но табуто кое денеска извира на површина, а тоа е криза на идентитетот, длабоко нè засега нас младите дизајнери и целиот свет“, вели Постеров.

На конкурсот пристигнале повеќе од 1.500 дела на млади дизајнери од светот (дури 30 отсто повеќе од лани), од кои меѓународното жири во состав Фин Нигаард од Данска (автор на постери, илустрации, графички дизајн решенија и стратегии за идентитет за меѓународни компании и добитник на престижната награда на Graphis – Graphis Master), Фонс Хикман од Германија (графички дизајнер, автор и професор по дизајн на Универзитетот за уметност во Берлин), Мишел Буве од Франција (носител на Гран при награда за културен плакат изработен за Националната библиотека во Париз и еден од основачите на Fete Du Graphisme – фестивал за графички дизајн), Ришард Каја од Полска (еден од најпопуларните и најпродуктивни полски плакатисти и добитник на сребрен медал престижното BICeBé Биенале за плакат во Боливија мината 2015 година) и македонскиот уметник Тони Васиќ (предавач на Школата за архитектура и дизајн на Универзитетот Американ Колеџ и добитник е на 11 национални и меѓународни награди за графика и графички дизајн) одбра 50 творби кои влегоа во најтесниот круг за награди на Скопје постер фестивал.

„Од она што јас го следам, во изминативе неколку години имаше пријавено повеќе учесници од нашава земја, имаше и студенти кои беа добитници на награди или на пофалници, сепак е мал бројот на оние кои се одважиле да земат учество во оваа пригода. Очекував многу повеќе. Зошто е тоа така не би знаел. Можеби е некаков организациски превид или можеби треба поинаку да се анимираат студентите коишто се од Македонија, имајќи предвид дека има сè повеќе образовни и високо-образовни на кои се работи графички дизајн“, истакнува Васиќ, со дополна дека и самиот како член на жирито си ја зел улогата да контактира со професорите кои предаваат дизајн односно дизајн на плакат и да ја промовира манифестацијата, практично учеството на конкурсот.

Конечно, победниците ќе бидат објавени на отворањето на 9. Скопје постер фестивал, на 21 ноември во Музејот на град Скопје, кога ќе бидат отворени и други поставки, како што се изложбата на специјална селекција на плакати од гореспоменатите постер-мајстори, плакати од победниците на минатогодишниот конкурс, како и плакатите кои беа работени на работилници за годинашниот конкурс.

Кога сме веќе тука, да спомнеме и тоа дека Нигаард, Хикман, Буве, Каја и Васиќ како членови на жирито ќе одржат свои презентации и работилници на теми: дизајнирање на џез плакат, дизајнирање на социјален постер и дизајнирање на постер за промоција на Македонија како туристичка дестинација, зад кое застана Амбасадата на Република Полска во земјава.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG