Достапни линкови

logo-print

Во Атина судири на протестите против Обама


Грчки полицајци и маскирани демонстранти се судрија во центарот на Атина откако на протестите против посетата на претседателот на САД Барак Обама беа фрлени молотови коктели. Полицијата успеа да ги растера во околните улици во близина на главниот плоштад Синтагма во Атина.

Луѓе со црни маски формираа барикади направени од канти за отпадоци и мебел и фрлаа молотови коктели и камења врз полицијата, која одговори со солзавец и шок-бомби.

Судирите избувнаа кога група демонстранти се обидоа да го пробијат полицискиот кордон за да стигнат до зградата на парламентот и до зградата на американската амбасада.

Претходно околу 7.000 луѓе, меѓу нив анти-воени, анти-расистички и левичарски групи, симпатизери на Коминистичката партија и членови на синдикатот мирно протестираа против американскиот став во војната во Сирија, односите на Соединетите Држави со Турција и изборот на Доналд Трамп за претседател на САД и неговиот став за имигрантите.

Тие маршираа низ улиците на центарот на Атина, држејќи знамиња и извикувајќи антиамерикански слогани. Васо Влаху вели:

„Ние сметаме дека политиката на САД е убиствена за луѓето. Тие се одговорни за Арапската пролет, за војните во овие години, за интервенцијата во Сирија. Тие само се грижат за нафтата и не се грижат за народот“, вели тој.

Со овој став се согласува и Јанис Толис:

„Политиките што тие ги поставија во поширокиот регион на Блискиот Исток имаат сериозно влијание врз нас. Поради војната во Сирија, а САД се директно вклучени во тоа, ние страдаме од голем прилив на миграција“, вели Толис.

Обама пристигна во Грција во вторникот на неговата последна турнеја во странство како претседател на Соединетите Американски Држави.

Посетата на Обама доаѓа само два дена пред годишнината од крвавиот студентскиот бунт во 1973 кои помогна во соборувањето на воената хунта која беше поддржана од страна на владата на САД и која владееше од 1967 до 1974 година.

Претседателите на САД и на Грција Барак Обама и Прокопис Павлопулос, Атина, 15.11.2016.

Претседателите на САД и на Грција Барак Обама и Прокопис Павлопулос, Атина, 15.11.2016.

Во исто време со протестите, претседателот на Грција Прокопис Павлопулос приреди државен банкет за Барак Обама на кој присуствуваше и премиерот Алексис Ципрас.

Обама ги пофали пријателство и гостопримство на Грција.

„Длабоко сме благодарни за нашиот сојуз со грчкиот народ. Мислам дека можеме меѓусебно да се инспирарме за да се постигне независност, да се застане зад солидарноста за време на војна и мир, во добро и во лошо, вклучувајќи ги и овие многу тешки години за грчкиот народ. Вечерва, сакам да знаете како што работите да ја придвижите вашата земја напред, секогаш ќе ги имате поддршката и пријателството на САД“, рече Обама.

Атина се надева дека Обама ќе помогне во убедувањето на нејзините меѓународни кредитори за реструктуирање на својот долг кој е најголем во еврозоната. Обама по говорот во Атина денеска ќе отпатува за Берлин.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG