Достапни линкови

На Битола ѝ недостига бизнис центар за млади


На 27ми и 28ми октомври во Битола се одржи дводневна конференција на тема „Улогата на локалните власти во поддршката на младинското претприемништво како алатка за економски развој и вработување“, во организација на Здружение на граѓани ЦЕФЕ Македонија.

На 27ми и 28ми октомври во Битола се одржи дводневна конференција на тема „Улогата на локалните власти во поддршката на младинското претприемништво како алатка за економски развој и вработување“, во организација на Здружение на граѓани ЦЕФЕ Македонија.

Бизнис старт ап центарот во Битола функционираше до 2014 година. Од тогаш не е најавена ни една нивна активност во јавноста. Таму претходно младите добиваа простории и совети како да ги развиваат бизнисите.

Битола остана без младински бизнис инкубатор или други центри кои ќе го поттикнуваат претприемничкиот дух во градот и ќе ги поддржуваат идеите на младите за отпочнување сопствен бизнис. Елена Гагачева проектен координатор на ЦЕФЕ Македонија на неодамна одржаната конференција на тема „Улогата на локалните власти во поддршка на младинското претприемништво“ изјави дека на Битола и недостига институција која ќе им помага на младите во остварувањето на бизнис идеите.

„За разлика од Скопје, сите останати градови од Македонија се многу попасивни. Конкретно за Битола ние немаме ни инкубатор, ни бизнис акцелератор каде младите ќе можат во таква преприемничка и иницијативна средина да споделуваат идеи, искуства. Да има средина каде младите ќе можат сами меѓу себе да се поддржуваат и да работат. Мислам дека тоа многу надостасува во Битола“, рече Гагачева.

Бизнис старт ап центарот во Битола функционираше до 2014 година. Од тогаш па наваму не е најавена ни една нивна активност во јавноста. Таму претходно младите добиваа простории и совети како да ги развиваат бизнисите. Освен Центарот за ИТ бизниси кој беше најавен дека ќе профункционира на Факултетот за информатички и комуникациски технологии, во Битола нема друго место каде младите можат да бидат советувани како да ги развијат претприемничките идеи.

Ваквата состојба само го поттикнува сонот кај младите да стигнат до државна работа, која пак ќе им обезбеди сигурна егзистенција. Гагачева вели дека и средината влијае демотивирачки на нив зашто многу често се истакнуваат неуспешни бизнис примери, наместо да се поттикнат во својата идеја.

„Тоа е во природата на човекот да сака да живее во својот комфор, а од друга страна влијаат родителите и средината. Им се кажуваат голем број на приказни кои се демотивирачки, неуспешни, кои ги притискаат или им ја намалуваат идејата да преземат иницијатива, не знаејќи дека самите можат да се пробијат. Тоа е таа доза на недоверба“, рече Гагачева.

Младите на конференцијата заклучија дека локалните власти треба да бидат поактивни во соработката со нив, да се создаде младинско тело кое ќе функционира како мрежа низ цела држава, преку кое ќе се олесни комуникацијата со локалните самоуправи. Исто така се предложи отворање на технолошки парк во Битола, кој ќе нуди одредени обуки и мониторинг на старт-ап бизниси.

„Важно е активно барање на информации од страна на младите. Колку и да продуцираат информации институциите, тие секогаш нема да бидат послужени на тацна. Заради тоа треба младите да се вклучат активно во барање информации“, додаде Гагачева.

Конференцијата беше дел од проектот „Дијалог помеѓу младите луѓе и креаторите на политики“, финансиран од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на Македонија, а во организација на Здружението ЦЕФЕ Македонија.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG