Достапни линкови

logo-print

Партиските подмладоци активни за изборите


Подмладоците на политичките партии исто така се активираа за изборите. Велат ги има на кандидатските листи и оти може да допринесат за решавање на проблемите на младите луѓе.

И подмладоците на политичките партии ќе бидат активни на овие избори. Младите сили на СДСМ, по примерот на нивните поискусни сопартијци кои во изминатиов период излегуваа на терен, ќе продолжат да остваруваат дијалози со младите луѓе и ќе им ги презентираат мерките од програмата чија цел е тие да се задржат во државата. Осврнувајќи се на активностите во изминатиот период, во рамки на кои заеднички биле согледани проблемите на младите луѓе, Ана Манасиева, член на извршниот одбор на СДММ, посочи дека бројни се идеите на млади луѓе за одреден проблем што нашле место во креираните мерки.

„Во изминатиот период СДММ преку разни дебати ширум државата разговараше со младите и осознавме кои се проблемите со кои се сочуваат денес. Покрај тоа заедно со младите преку разговори дојдовме до решенија за нивните проблеми односно ја создадовме нашата програма за млади која што е дел од програмата на партијата“, вели Манасиева.

Клучни проблеми со кои се соочуваат младите луѓе, како што нагласува таа се иселувањето невработеноста и нискиот животен и студентски стандард.

Дино Блажески од Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија, исто така вели дека нивната младинска политика опфаќа сегменти од живеењето на младите луѓе и проблеми со кои се соочуваат како невработеност и учеството во процесите на одлучување. Преку преминување во централниот изборен штаб и сите негови комисии и тела, Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија во наредниот период ќе ги реализира нивните активности поврзани со изборите.

„Тука спаѓаат организацијата и планирањето на изборите, потоа регулирањето на социјални мрежи и медиумите, односи со јавноста и креирањето на младинската политика, овојпат на коалицијата“, вели Блажевски.

Инаку, политичките партии на овие избори ќе имаат голем број млади луѓе на кандидатските листи на пратеници. Во СДСМ тие се застапени со 30 проценти и тоа како што вели Манасиева, ги прави влијателна сила во наредниот период. Таа оценува дека СДСМ дава можност на секој млад човек да успее, објаснувајќи дека тоа бил нејзиниот мотив да влезе во СДММ.

„Не сме ние, само, еве, како во младите од УМС, партиски послушници или лепачи на плакати, тука ние сме млади кои еден ден ќе бидат иднина на оваа држава и кои активно се вклучени во сите активности и во креирање на подобар живот за самите нас овде“, вели Манасиева.

Блажески, пак, е дел ВМРО-Народна партија од нејзиното формирање. Причината поради која тој станал десничар е како што вели идеолошката нагласеност во партијата, од револуционерниот аспект до идеите кои ги застапува во однос на прашањето како треба едно општество да биде уредено.

„10 години наназад како да се испогани зборот партија, и кога ќе спомнеш партија се мисли на вработување, се мисли на решавање на проблемите за егзистенција, а јас го сфаќам тоа премногу идеолошки“, изјави Блажески.

И ВМРО Народна партија на овие избори ќе има голем број млади на кандидатските листи. Тие се застапени со речиси 40 проценти, но Блажевски вели не е дел од листите зашто смета дека има и други активности преку кои може да се биде влијателен. Во моментов на политичката сцена во Македонија има дваесетина партиски подмладоци.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG