Достапни линкови

Мигрантите се судрија со полицијата во обид да влезат во Хрватска


Група мигранти денеска се судри со полицијата во обид од Србија да влезат во Хрватска, од каде планираат да се упатат кон европските земји, јави „Јутарњи лист“. Околу 130 мигранти го пробија кордонот на српската полиција и преку ниви се обидоа да влезат во Хрватска, но беа запрени од полициските сили на двете земји, кои ги опколија на неутрален терен, изјави очевидец.

Мигрантите, главно Авганистанци и Пакистанци, беа вратени назад во Шид, информира Танјуг.

Во текот на последните два дена тие пеш минаа околу 125 километри од Белград и синоќа пристигнаа на хрватската граница. Мигрантите изјавија дека нема да се вратат во прифатните центри во Србија, жалејќи се од лошите услови и инсистираа на тоа да им се одобри слободно да го продолжат патот кон Западна Европа.

Хрватскиот министер за внатрешни работи Влахо Орепиќ синоќа ја посети хрватско-српската граница и изјави дека нема никакви причини некој да се обидува нелегално да влезе на територијата на неговата земја.

Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, од своја страна, денеска изјави дека на мигрантите нема да им дозволи да ги блокираат автопатот и граничните премини за да влезат во друга земја, која не сака да ги прифати.

Според податоците на Високиот комесаријат на ОН за бегалци, во Србија во моментов има околу 6.400 мигранти од земји како Сирија, Ирак, Пакистан и Авганистан.

Според локалните невладини организации, меѓутоа, нивниот број се доближува до 10 илјади луѓе.

XS
SM
MD
LG