Достапни линкови

logo-print

Стево Продановски и Радмила Шукуроска не одат на избори – ДИК ги отфрли листите со двојници на СДПМ


Седница на Државната изборна комисија на 18 октомври 2016

Седница на Државната изборна комисија на 18 октомври 2016

Државната изборна комисија по повторното разгледување и констатирање низа неправилности, денеска на седница едногласно реши целосно да ги отфрли кандидатските листи на Социјалдемократската партија на Македонија (СДПМ) за предвремените избори на 11 декември.

Членот на ДИК Атанас Урумов образложи дека ДИК при повторното разгледување на оригиналните документи од СДПМ увидела несовпаѓање на потписите на одредени кандидати во изјавите што треба да ги потпишат, некои изјави биле со датум 11 мај 2016, а имало неправилности и во изјавите за неосудуваност и друго. Неправилности се констатирани во листите на СДПМ за сите изборни единици.

Членовите на ДИК сметаа дека листите треба да бидат отфрлени, а партијата СДПМ има право да ја обжали одлуката во рок од 24 часа пред Управниот суд.

Носители на листите на СДПМ беа лица со слични имиња и презимиња на кандидати од СДСМ. Така, на Стево Пендаровски од СДСМ во ИЕ1 требаше да му се спротивстави Стево Продановски од СДПМ. Во третата изборна единица Љупчо Николовски од СДСМ требаше да се соочи со човек со исто име и презиме од СДПМ, а заменик претседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска требаше да се соочи со извесна Радмила Шукуроска во петката.

СДПМ на Бранко Јаневски и на претходните избори излегуваше со листи со двојници на кандидатите на СДСМ.

XS
SM
MD
LG