Достапни линкови

logo-print

Јанкулоска и Јанакиески аут, сите пратеници од власта повторно кандидати


Носителот на кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ во петтата изборна единица Антонио Милошоски зборува на партиска конвенција на ВМРО-ДПМНЕ во Метрополис арена на Скопски саем

Носителот на кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ во петтата изборна единица Антонио Милошоски зборува на партиска конвенција на ВМРО-ДПМНЕ во Метрополис арена на Скопски саем

Само партискиот лидер Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, од оние кои беа досега осомничени од СЈО се најдоа на кандидатските листи на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за претстојните избори. На листите ги нема имињата на поранешните министри за транспорт и врски и за внатрешни работи, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, кои на претходните избори беа носители на листа. Од членовите на владата, само уште премиерот Емил Димитриев и министрите Никола Попоски и Никола Тодоров се на кандидатските листи. Освен неколкуте изненадувања, на кандидатските листи е речиси целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ на конвенција во Метрополис арена на Скопски саем ги објавува листите со кандидатите за пратеници за претстојните парламентарни избори на 11 декември.

Канческа Милевска е на второ место во првата изборна единица, веднаш зад носителот, министерот за надворешни работи Никола Попоски. На третото место е првиот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник од првиот состав на собранието во независна Македонија, Борис Змејковски. На наредните три позиции се актуелните пратеници Драган Данев, Даниела Рангелова и Љупчо Димовски од Социјалистичката партија. На седмата позиција е актерот Крсто Јовановски, кој настапуваше како водител на протестите што ги организираше провладиното ГДОМ. На осмата, деветтата и десеттата позиција се актуелните пратеници Чедомир Саздовски од ГРОМ, Светлана Јакимовска и Јасминка Дамчевска, а по неа е претседателот на партискиот подмладок Владимир Нелоски.

На осмото место во втората изборна единица е единствениот хашки осуденик од Македонија, Јохан Тарчуловски. Носител во оваа изборна единица е министерот за здравство Никола Тодоров, а зад него е претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски. Ново име на листата е третата на листата Жаклина Пешевска, по која следуваат коалиционите партнери Иван Стоиљковиќ, Амди Бајрам и Владанка Авировиќ, кои и досега беа пратеници. На седмата и на деветтата позиција се актуелните пратеници Зоран Ѓорѓиевски и Весна Дамчевска.

Листата во третата изборна единица ја предводи пратеникот Илија Димовски, а по него е премиерот Емил Димитриев. По нив се актуелните пратеници Слаѓана Митовска, Трајчо Димков, Стојан Миланов од Социјалистичка партија и Магдалена Манаскова. Ново име на седмата позиција е Зеќир Рамчиловиќ и Емилија Александрова на десеттата позиција. Останатите позиции од осмата до 13 се за актуелните пратеници Никола Мицевски, Благица Лесовска, Иван Иванов, Ѓорѓи Коџобашиев и Милка Христова.

Листата во четвртата изборна единица ја предводи партискиот лидер Никола Груевски, по кого е новиот предлог за пратеник Ванковер Манчев. Трета е пратеничката Ане Лешкоска, по која следува Панчо Минов од ГРОМ, па актуелните пратеници Весна Пемова, Васил Пишев, Нада Ципушева, Димитар Стевананџија и Драган Цуклев. Ново име на десеттата позиција е Павлинче Честојнова, а по неа се актуелните пратеници Ѓоко Камчев и Дејанчо Ефтимов.

Петтата изборна единица ја предводи пратеникот Антонио Милошоски, а по него се неговите колеги Зоран Илиоски и Лилјана Затуроска. Нов предлог е Љубен Арнаудов, по кого се актуелните пратеници Благоја Деспотоски, Нола Исмајлоска Старова, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Лилјана Кузмановска, Соња Талевска и Момчило Аврамовски.

Шестата изборна единица ја предводи Владимир Ѓорчев. По него се новите имиња Јусуф Хасани, Дафина Јованоска-Стојаноска, Горан Манојлоски и на петтата позиција е пратеникот Фатмир Имероски.

Носител во седмата изборна единица во дијаспората е Рамазан Мифтароски.

XS
SM
MD
LG