Достапни линкови

Неделен печат - Светот се занимава со Трамп, Македонија со Диме Спасов


Поранешниот министер за труд и социјала Диме Спасов

Поранешниот министер за труд и социјала Диме Спасов

Неделникот Република смета дека сообраќајките кои ги направи дополнителниот заменик министер за труд и социјала Диме Спасов се нарачан скандал, Глобус прашува ќе има ли митинг за поддршка на Спасов, а Фокус „Како груевци станаа трамповци“.

Република - Нарачаните скандали не проаѓаат

Кај нас, јавноста веќе се навикна на тоа, сите гафови и незаконски дејанија на актуелниот естаблишмент да се заташкуваат со нивно релативизирање и ставање „под тепих“ за да ги „покрие“ заборавот на времето. Но, Република смета дека „Нарачаните скандали не проаѓаат“ и дека, цитирам, „Случајот со министерот Диме Спасов уште еднаш докажа дека во опозицијата има многу болни умови, кои со опасни игри очајно се обидуваат да се дограбат до власт, но и дека истите тие ги живеат своите пет минути благодарение на опозициските пера кои се во тесна врска со СДСМ и со Сорос“. Неделникот потоа реди низа афери кои според главниот и одговорен уредник се „Конструкции од фабриката за афери со тежок дефект“ и дека биле произведени во седиштето на партијата со цел уривање на државните институции, хајка против раководството на ВМРО-ДПМНЕ и насилно освојување на власта.

Глобус - Ќе има ли митинг „Сите ние сме Диме?“

Во Глобус два текста се посветени токму на „случајот Диме Спасов“. Во вториот текст се поставува прашањето: „Ќе има ли митинг ‚Сите ние сме Диме‘?“, при што авторот прави паралела со аферата Вотергејт во САД кога претседателот Никсон „падна“ поради откриениот случај со прислушувањето, при што наравоучението за власта е следна – ако шефот на тимот во чија практика има незаконски работи, некои бруки, не ги отсече навреме од себе директните извршители, тој ќе падне место нив! „Така некако мириса“ – вели авторот, „и нашиот случај со едвај полнолетниот, сега дополнителен заменик минстер за труд, кој направи гест од кој секоја власт (читај – Груевски) треба што побргу да се отараси. Во спротивно таа ја дели одговорноста, ама не подеднакво, зашто такви дропки нема, туку асоцијативно: најодговорен станува првиот човек на власта, оној кој реално ги држи сите конци на моќта во свои раце“. Неодговорно е случајот Спасов да се сведе на материјална штета „од 150 евра“, зашто несфаќањето на потребата од морална и политичка одговорност зборува за неотчетност на власта кон граѓаните... а како што одминува времето се откриваат нови пикантерии и сето тоа заради фактот што „Диме не го даваме“. Тоа во превод значи: „Ако треба сите со него ќе се удавиме!“ – предвидува Глобус.

Фокус - Како Груевци станаа трамповци

Уводникот во Фокус се подбива уште во насловот: „Како Груевци станаа трамповци“, па вели дека било најзабавно да се следат „славеничките прчења на фановите на нашиот пастир за победата на Трамп. Фалеше“, пишува неделникот, „само уште да го откријат клучот на поразот на Клинтоноица - немала програма, де! Море груевци ли се, трамповци ли се!“ Па забележува дека „толкава радост на Балканов споделија само шешељовци и колегите им од Златна зора. Тамам да организираат четничко-комитска забава на која ќе се игра сиртаки... А и логично е приврзаниците на ДПМНЕ да ‚гинат‘ за победата на мултимилијардерот зашто сигурно ја читале неговата книга ‚Начинот на склучување зделки‘ каде што Трамп дава совети како да се заработат милиони. И откако го изучија градивото, така станаа најбогатата политичка партија во Европа. А и фамилијата може да му конкурира на персонален план“, заклучува Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG