Достапни линкови

Македонија и центрите кои работат на нејзина штета


Архивска фотографија - изјава на претседателот на ДУИ Али Ахмети

Архивска фотографија - изјава на претседателот на ДУИ Али Ахмети

Претседателот на ДУИ Али Ахмети во неделното интервју за РСЕ вели дека имало многу центри кои работат на штета на интегрирањето на земјава во ЕУ и посебно во НАТО. МВР, пак, приведе двајца луѓе за соработка со ИСИС. Според дел од аналитичарите, ваквите изјави не се прецизни и не може да се знае дали имаат поткрепа.

На еден месец пред изборите и од партиски и од официјални извори стигнуваат информации за безбедносни закани за Македонија. Но, според некои безбедносни аналитичари, за нив нема поткрепа.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети во неделното интервју на Радио Слободна Европа, тврди дека имало многу центри кои работат на штета на интегрирањето на земјава во ЕУ и посебно во НАТО. Според него тие центри работеле на создавање хаос, недоверба меѓу Албанците и Македонците.

„Јас тука не зборувам и не ги обвинувам владите на соседните земји, но во сите соседни земји има групи и групации кои не ги интересира добрата иднина на Македонија, не сакаат Република Македонија да е дел од НАТО, да е дел од Европската унија. Значи има групи и групации во сите соседни земји во регионот кои се заинтересирани да ја поделат оваа земја за одредени интереси, но тука без лошо да бидам сфатен не се работи за влади на земјите од регионот, но зборувам за групи и групации кои не се без влијание во земјите каде што работат“, вели Ахмети.

Независно од ваквите изјави на првиот човек на ДУИ во друга акција МВР вчера соопшти дека уапсиле две лица минатата недела поради сомневање дека планираат терористички напади и за поврзаност со повратници од ИСИС, како дел од поширока регионална антитерористичка операција во која учествуваа македонските, албанските и косовските. Директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков на новинарските прашања не одговори прецизно какви напади планирале осомничените и посочи дека благодарение на полицијата било спречено спроведувањето на нивните намери.

Според професорот Владимир Пивоваров, кој порано беше шеф на военото разузнавање, сепак кога се зборува за нарушување на безбедносната ситуација во земјава мора оние кои ги изнесуваат таквите тврдења да бидат попрецизни. Чавков даде малку информации, а нејасен е и лидерот на ДУИ Али Ахмети, смета Пивоваров.

„Македонија е заложник на таквите изјави со години. Се споменуваа странски служби, но кои се тие немаме одговор, се споменуваат некои центри на моќ, но кои се тие пак немаме одговор. Ние сме сепак дел од меѓународна заедница. Ако има такви закани навистина веројатно ќе реагирала и самата меѓународна заедница, бидејќи се работи за центри надвор од Македонија кои работат на дестабилизирање на Македонија “ вели Пивоваров.

Покрај центрите што ги споменува Ахмети и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски минатата недела повторно ги спомена странските служби кои како што рече не можеле да прелажат народ.

Инаку во интервјуто што во целост ќе го емитуваме в недела Ахмети зборува и за можноста за коалицирање по изборите, новите партии на Албанците, обидите на СДСМ да освои албански гласачи како и за работата на Специјалното јавно обвинителство.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG