Достапни линкови

ЕУ со остри критики за „најсилниот“ адут на Владата


Евроамбасадорот Самуел Жбогар го предаде Извештајот на ЕК за земјата на премиерот Емил Димитриев.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар го предаде Извештајот на ЕК за земјата на премиерот Емил Димитриев.

Во извештајот има остри забелешки во однос на јавниот долг и задолжувања. Комисијата го критикува нееднаквиот третман на инвеститорите, неефикасното спроведување на законите. Според аналитичарите, ЕУ смета дека земјата не може да ги реши своите базични економски проблеми.

Економскиот дел од Извештајот на Европската комисија за нашата земја, експертите го оценуваат како прилично загрижувачки и остар, но реален. Тој ни ги посочи слабостите кои веќе ги знаевме, вели Фатмир Битичи, извршен директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија. Според него, извештајот е последица на долготрајната состојба на политичката нестабилност, нецелосна функционалност на јавните институции и погрешните економски политики.

„Ние на почетокот на годината имавме повлекување на ММФ од Македонија и тогаш рековме дека тоа е повлекување, бидејќи не се согласуваат со начинот на распределба на буџетот и владините политики. Ние имаме намален кредитен рејтинг оваа година. Имавме поприлично лош извештај на Светска банка за економските реформи. И сега овој извештај е последица на сите претходни работи што се случуваа во изминатиот период“, вели Битичи.

Покрај острите забелешки во однос на јавниот долг и внимателно следење на надворешните задолжувања, Комисијата го критикува и нееднаквиот пристап на фаворизирање на домашните компании, селективното и неефикасно спроведување на законите, нееднаквиот третман на странските и домашните инвеститори, додава Битичи.

Професор Никола Поповски вели дека забелешките на Комисијата се загрижувачки, бидејќи таа нотира сè поголем број проблеми.

„Она што е многу важно е дека сега за прв пат напишаа дека Македонија има пазарна економија, но дека таа е нефункционална. А токму функционална пазарна економија е еден од базичните четири принципи за пристап во ЕУ. Тука се и проблемите од понизок карактер како што се: фискална неконсолидираност, растечко ниво на јавен долг, високо ниво на невработеност итн, тоа се проблеми кои кога се чита извештајот од европски агол практично се гледа на една држава која не може да ги реши своите базични економски проблеми," вели Поповски.

Извештајот „старо вино наполнето во нови шишиња“

И за професорот Борче Треновски извештајот не донесува значајни новини, освен потенцирање на веќе упатените забелешки и сугестии од меѓународните организации и стручната јавност. Во оваа насока Треновски смета дека потребата од домашна сеопфатна анализа на ефикасноста на реформите е повеќе од неопходна во периодот кој измина и кој допрва доаѓа.

„Често дискусијата за ефикасноста на реформите и промените се завршува во точката – што превземавме, додека најважниот кој треба да покаже дали сме успешни во нашата намера го занемаруваме. Политичката волја е клучна во ова насока, само јасно и отворено утврдување на нашата реална економска позиција, поддржана од транспарентен, инклузивен и отчетен процес на реформи може да донесе ефекти, да ја подобри нашата благосостојба и да ја забрза нашата економска еволуција," вели Треновски.

Битичи истакнува дека тоа што годинава имаме најлоши економски показатели, треба да ги освести надлежните власти.

„Ќе треба и оваа моментална техничка влада, но и секоја друга влада по изборите, да ги земе предвид овие забелешките затоа што на единствена цел е евроинтеграцијата и ако сакаме да останеме на тој пат треба да работиме на тоа. Тоа се работи на кои мораме да работиме сите, граѓаните, институциите и носителите на политиките, да направат се што можат за да се отстранат овие забелешки,“ изјави Битичи.

Во извештајот ,меѓу другото, се посочува дека макроекономската стабилност треба да се зачува, построго да се контролира јавниот дефицит и да се подобри транспарентноста во спроведувањето на јавните расходи. Се потенцира дека Владата не успеала да покаже конкретни мерки за фискална консолидација, но истовремено ЕУ ја нотира определбата за етапно намалување на дефицитот во следниве години. Критики во извештајот има и за неискористеноста на парите од ИПА фондовите, посочувајќи дека лани останале неискористени 16,2 милиони евра пари од фондовите на Европската унија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG