Достапни линкови

logo-print

Да не се укинува социјалната помош поради заработени неколку „стотки“


Здружението на граѓани „Глобал“ од Битола поведе иницијатива за укинување на одредбите со кои се предвидува укинување на социјалната помош за сиромашните граѓани кои преку собирање пластични шишиња или на друг начин заработиле некои ситни пари.

На сиромашните да не им се укинува социјалната помош поради ситни пари кои ги заработиле од собирање пластични шишиња или на друг начин. Ваква иницијатива покрена здружението на граѓани „Глобал“ од Битола, кое почна со собирање на потписи за укинување на казнените одредби од Законот за социјална заштита. Петицијата и барањето ќе ги поднесат до надлежните институции.

„Во тие одредби предвидени се казни од 6 до 12 месеци, па корисниците на социјална парична помош се оштетени и поради мали приходи тие го губат правото на социјална помош. Можам да наведам примери дека за 300, 500 или 800 денари кои ги зеле за некои пластични шишиња или некој друг мал приход го изгубиле правото за добивање на социјална помош во одредени месеци“, вели Томе Крстевски од здружението „Глобал“.

Тој објаснува дека социјалната помош им се укинува и доколку не пријават промена на финансиската состојба, па макар да се работи и за мали суми на пари.

„Можат да го изгубат правото доколу задоцнат ден, два, три од датумот за задолжително пријавување. Тие имаат обврска секој месец да се пријавуваат. Доколку не пријават промени во финансиската состојба, па макар и мали, во рок од 15 дена следуваат санкции. Ние не сме за репресија, туку за превентива“, додава Крстевски.

Тој вели дека до нив се обратил и социјален случај од Битола на кого му паднал телевизор на наградна игра, па прашувал дали ако го подигне ќе му биде укината социјалната помош. Пред неколку години друг битолчанец во медиумите се пожали дека му била укината социјалната помош зашто на наградна игра му паднала веспа.

Од здружението „Глобал“ велат дека минатата година од 400 приматели на социјална помош, на половината времено им било укинато правото да ја примаат поради ненавремено пријавени приходи.

„Овие луѓе, иако го исполнуваат правото за социјална парична помош, во случајот остануваат без неа, иако се во социјален ризик. Понатаму принудени се да бараат егзистенција, да работат по 10 часа дневно под притисок или да бараат други форми на опстанок. Сметаме дека овие казнени одредби се противуставни и треба да се укинат“, додава Крстевски.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG