Достапни линкови

Јубилејно 15-то издание на ФОТОМЕДИА


Фотомедија изложба во Скопје, постер. Фотографија на Аркадиуш Браницки

Фотомедија изложба во Скопје, постер. Фотографија на Аркадиуш Браницки

Околу 200 фотографии од творци од сите континенти ќе бидат претставени на 15-то јубилејно Меѓународно биенале на фотографска уметност ФОТОМЕДИА, што во организација на Фото клуб „Елема“, ќе се одржи од денеска до 17 ноември во Националната галерија на Македонија, објект „Чифте амам“, во Скопје. Ова е една од ретките постановки во светот која сè уште ја негува исклучиво принт-фотографијата во која доминира авторскиот пристап.

Потпирајќи се главно на крилјата на ентузијазмот и генерално со симболична помош од институциите и од спонзорите, фото клубот „Елема“ од Скопје, во заокружувањето на третата декада од своето битисување, го потпишува и 15-то јубилејно издание на Меѓународното биенале на фотографска уметност ФОТОМЕДИА. На поставката што ќе се одржи од 10 до 17 ноември во Националната галерија на Македонија, објект „Чифте амам“, ќе се најдат околу 200 фотографии од творци од сите континенти селектирани од некаде 740 пристигнати на отворениот конкурс.

Она што е особено значајно е дека ФОТОМЕДИА е една од ретките изложби во светот која сè уште ја негува исклучиво принт-фотографијата, во која доминира авторскиот пристап и по тоа е препознатлива во Светската фотографска асоцијација (FIAP).

Циркус - проба, фотографија на Маја Аргакиева

Циркус - проба, фотографија на Маја Аргакиева

Во контекст на ова, иако имале и подобри години, организаторите знаат да кажат дека се задоволни од пристигнатата бројка и од квалитетот на фотографиите и колекциите.

„Оваа година во светот имаше некаде околу 500 изложби, а од тоа само 40 беа со принт-фотографија. Тоа е една специфика на ФОТОМЕДИА која ја негуваме и се трудиме да ја одржиме, настојчиво да останеме на принт-фотографија. Заради овој голем број на дигитални изложби во еден период имавме намалување на бројот на пристигнати дела, меѓутоа изгледа дека вистинските автори полека се заситуваат од дигиталните изложби и нивната комерцијализација. Од овој нивен начин на работа каде презентациите на фотографии обично завршуваат само како проекција на некој ѕид. Е, сега дали е ова нов тренд или е само чиста случајност, ќе покаже времето“, вели Боро Рудиќ од Фото сојуз на Македонија, кој заедно со Зоран Пургер од Србија и Јавор Попов од Бугарија, ја направија селекцијата и ги доделија наградите на 15-та ФОТОМЕДИА.

Добитник на престижната гран-при награда „Плакета на Град Скопје“ на 15-то Меѓународно биенале на фотографска уметност ФОТОМЕДИА е Аркадиуш Браницки од Полска. Станува збор за фотограф кој во изминатава декада се фокусирал во откривањето и бележењето на убавината на човечкото тело. Не случајно тој знае да каже дека „секое човечко тело е убаво и дека на фотографот му останува да ја забележи и да му ја презентира на гледачот токму таа убавина“.

За неговата уметност познавачите истакнуваат дека е скромна и директна. Дека минимализмот на Браницки го насочува гледачот право кон целта и дека за него човечкото тело е екран и не трпи додатоци околу него. Токму и затоа тој своите модели ги фотографира пред празна позадина сакајќи на тој начин да го нагласи зрачењето на нивните тела.

Циркус - зад сцената 2, фотографија на Маја Аргакиева

Циркус - зад сцената 2, фотографија на Маја Аргакиева

Инаку, специфика и на ова издание на ФОТОМЕДИА, покрај слободната тема, беше и тоа што авторите имаа можност да ги испратат и своите колекции (од најмалку четири фотографии) во кој евентуално би развиле и разработиле одредена своја творечка тема.

Рудиќ истакнува дека Биеналето годинава веројатно е единствената манифестација под закрила на Светската фотографска асоцијација која се фокусираше на колекциите.

„Сметам дека годинава и генерално тежиштето и квалитетот лежат токму во овие колекции на авторите и тоа не е случајно бидејќи нив обично ги прават позрелите творци. Оние кои знаа да ја осмислат идејата, да ги направат фотографиите, да го заокружат концептот и да и го презентираат на публиката. Да претстават една целина која изнудува реакција“, вели тој.

Заштита за властите, фотографија на Олег Кутскиј

Заштита за властите, фотографија на Олег Кутскиј

Кога сме веќе кај фотографијата и активностите на Фото сојузот на Македонија, да спомнеме и тоа дека, во септември годинава 44 фотографии од исто толку наши творци беа претставени во Горна Радгоња, во Словенија, во еден од петте центри на светски центри на FIAP, на изложбата што ќе трае до крајот на овој месец и која во некоја рака има за цел да го претстави богатството на идеи и актуелниот момент на македонската фотографија. Во согласност со идејата за соработка на регионалните фото асоцијации, промовираната во рамките на едно од претходните изданија на Деновите на македонска фотографија, во декември, пак, ќе биде организирана изложба на членовите на Фото сојузот на Турција.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG