Достапни линкови

На „Утрински“ му се стемнува


Насловната на весникот Утрински весник.

Насловната на весникот Утрински весник.

Проблемите на Утрински весник датираат од 2011 година, кога се случија масовни отпуштања. Оттогаш вработените континуирано се соочуваат со притисоци.

Со нови проблеми се соочуваат вработените во медиумската компанија „Медиа Принт Македонија“ (МПМ). Поради финансиски проблеми менаџментот на компанијата побарал да бидат отпуштени десет вработени во еден од највлијателните дневни весници во земјата, „Утрински весник“, во спротивно дека весникот може целосно да згасне.

Новата ситуација во МПМ настанала во изминатите неколку денови, откако прво синдикатот на „Утрински весник“ и другите синдикални подружници во МПМ побарале преговори со раководството, поради долготрајните проблеми во компанијата и задоцнетите плати на некои вработени.

Но, раководството ги заобиколило барањата и вработените во Утрински минатата недела биле повикани на состанок, на кој претседателот на Управниот одбор на компанијата, Срѓан Керим, им соопштил дека менаџментот планира нов проект, но дека плати ќе земаат и оти нема да има ниту едно отпуштање.

Во текот на вчерашниот ден вработените повторно биле повикани на нова средба на која им било соопштено дека претходно договореното не важи и дека се предвидени нови мерки за отпуштање на најмалку десет луѓе, со оглед дека компанијата имала загуби од милион и осумстотини илјади евра. Тоа предизвикало нервоза и тензии меѓу вработените.

„Проблемите на Утрински весник не датираат од вчера или завчера, тие веќе траат од 2011 година кога почнаа првите масовни отпуштања и оттогаш наваму ние сме под постојан притисок. Дали се бркања на десет луѓе, тројца или четворица, тоа се случува во континуитет, сè до денешниот ден кој може да биде и фатален за весникот“, вели Љубиша Станковиќ, новинар во Утрински весник.

Тој додава дека новинарите нема да се согласат со згаснување на весникот.

Станковиќ зборуваше на прес-конференција заедно со претседателите на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). На неа присуствуваа и другите новинари на „Утрински весник“, коишто наведоа дека ова е еден од почетоците на давање отпор.

Тие велат дека весникот мора да продолжи со работа и дека ниту еден од вработените не смее да биде отпуштен. Состојбите во компанијата се менуваат скоро секој следен час, па на еден од последните состаноци менаџментот на вработените им соопштил дека весникот нема да згасне, но дека мора да се најдат начини како да за спасат вработените, понудувајќи им можност доколку сакаат доброволно да си заминат од работа.

Ова е уште еден црн ден за слободата на медиумите. Еден од највлијателните дневни весници во земјата се соочува со згаснување, а продолжува и неизвесноста за другите изданија на МПМ, рече претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис.

„ССНМ жали што се покажа дека еден од најбогатите македонски бизнисмени, како еден од сопствениците на МПМ, за разлика од другите негови бизниси така маестрално потфрли во водењето на медиумскиот бизнис. Но должни сме да кажеме дека финансиската состојба не е резултат на работењето на новинарите, а тие го плаќаат туѓиот менаџерски неуспех“, вели Чаусидис.

Таа потенцира дека состојбата во компанијата и намалените тиражи на весниците најмногу се последица на „слугинскиот однос на сопственците кон власта“.

„Ете затоа паѓаат тиражите, затоа што сопствениците за да бидат ценети кај властите се дрзнуваат да запираат затворен весник во печатница и да менуваат насловни страници. Оттука секое фрлање на вина на друг е неприфатливо“, вели Чаусидис.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани рече дека пред шест месеци заминал од весникот „Вест“, кој исто така е дел од МПМ, бидејќи му било кажано - или да ја прифати новата уредувачка политика на весникот, или да си замине.

„Јас тогаш не прифатив некој друг во мое име да се потпишува на текстовите и затоа напуштив. Тогаш сфатив дека МПМ веќе се движи во погрешен правец и време, кога таа компанија ќе си стави клуч на врата со доброволна одлука на сопствениците на медиумите“, рече Селмани.

Тој истакна дека медиумите во земјава ќе бидат во ваква ситуација сè додека медиумите се користат како инструмент за политичка манипулација со масите на сметка на власта.

Иако печатените медиуми генерално секаде во светот имаат проблем поради новите медиуми и технологијата, во Македонија проблем е поврзаноста на медиумите со владините реклами и со буџетските пари, вели Жанета Трајкоска од Македонскиот институт за медиуми.

Таа посочува дека досега во земјава наместо логичен економски пазар кој ќе ја одржува професионалноста и независноста на медиумите, има длабока поврзаност на медиумите со одредени центри на моќ.

„И сега сме во оваа ситуација каква што сме. Она што јас го знам е дека освен во Утрински, буквално во целиот МПМ се подготвува некаков тип на одредени промени коишто ќе се случуваат внатре. Наводно вработените ќе се префрлувале сите во Телеграф. Останува да видиме што ќе каже компанијата и вработените“, вели Трајкоска.

Таа смета дека е можно во предизборниот период да биде создаден уште еден медиумски хаос со новинарски штрајкови, поради нападите врз медиумските слободи и дека власта ќе се обиде од тоа да прикаже дека тоа се случува токму заради потребата на опозицијата од нови медиумските заедници и од потребата за прекинување на врската помеѓу владата и про-владините медиуми и прекинувањето на владиното рекламирање.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG