Достапни линкови

Куманово - Неспособност или заборавеност од власта?


Чистење на одводни канали во Куманово, август 2016.

Чистење на одводни канали во Куманово, август 2016.

Општина Куманово финансира во развојни проекти според можностите, оти немаат поддршка од централната власт, вели градоначалникот Дамјановски. Опозициските советници, пак, велат дека локалната администрација недоволно работат во сите области за кои има ингеренции.

Отворен и затворен базен, реконструкција на Занаетчиски дом, крпење и изградба на инфраструктура, реализација на проектот „Моето маало,... “ и уште други помали инвестиции се проекти на локалната самоуправа во Куманово, во изминатите неколку месеци. Градоначалникот Зоран Дамјановски вели дека за него се битни два сегмента - Јавниот интерес со објекти од општо значење за сите граѓани и личниот „Моето маало, мојата месна заедница, мојата уличка“.

Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово.

Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово.

„На некој начин делумно ги задоволивме проблемите на граѓаните. Сепак, со право има иритирани граѓани, бидејќи со овој фонд на средства поради незавидното ниво на децентрализацијата не сме финансиски моќни за да имаме добра развојна програма и економски развој, бидејќи немаме поддршка од централната власт. Меѓутоа, сепак се обидовме да ја ублажиме состојбата и грдата слика на некои делови од градот, но по изборниот процес се надевам дека ќе продолжиме со уште една процедура за реконструкција на постоечка патна структура и ќе ги затвориме прашањата на граѓаните“, вели Дамјановски.

Паралелно се во тек неколку проекти. Занаетчискиот дом целосно ќе се реконструира со 60 проценти преку проект на Центарот за развој на Североисточен плански регион и 35 проценти од средствата од локалната смаоуправа. Преку УНДП и МЦМС се добиени повеќе проекти за реконструкција на училишта, мостови уредување на канали.

Дамјановски и локалната администрација често пати се на удар на опозиционите советници и граѓаните дека комуналната хигиена во градот е на многу ниско ниво.

„ЈП„Чистота и зеленило“ со својот капацитет кога контејнерите и механизацијата се дотраени и стари, се труди да направи услуга со собирање, депонирање на смет, чистење на јавно прометни површини. УНДП со една голема акција ни помогна и успеавме за година ипол да добиеме неколку возила за таа намена и за санирање на депонијата во Краста. Со тоа мислам дека се подобри општата состојба со чистење. Пред неколку месеци имавме дури пет возила на ремонт, поради што баравме помош и од други општини“, вели Дамјановски.

Опозиционите советници, за градоначалникот и локалната администрација, сметаат дека недоволно работат во сите области во кои имаат ингеренции.

„Пред сè мислам на комуналните проблеми кои најповеќе ги засегаат граѓаните. Голем дел од градот и околината и натаму се соочуваат со несоодветнижо водоснабдување, канализацијата, со неасфалтирани улици, непристапни патишта. Ова особено се однесува на приградски и селски населби. На пример, граѓаните во селото Пчиња немаат водовод и децении наназад пијат загадена вода, а и депонијата Краста е во атарот на ова село“, вели Драган Петковски од ВМРО-ДПМНЕ и додава дека локалната администрација треба да направи приоритетна листа на она што треба да сработи.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG