Достапни линкови

Димков со колаж емотивни приказни во книгата „Зборот остава траги“


„Зборот остава траги“ е насловена книгата на новинарот Тони Димков, што во едицијата „Дијалози“ на издавачката куќа „Магор“, излезе од печат деновиве. Станува збор за збирка на разговори со истакнати македонски творци и меѓународно афирмирани личности за кои е забележано дека „ги надминуваат границите на своето време“ и за дело чија промоција е планирана за ова среда, на 9 ноември, во 20 часот во клубот МКЦ во Скопје.

Дваесет и едно интервју со истакнати македонски културно-уметнички творци, писатели, сликари, режисери, актери, музичари и продуценти... како Матеја Матевски, Љупка Џундева, Ферид Мухиќ, Илија Пејовски, Киро Урдин, Слободан Унковски, Оливер Белопета, Вања Лазарова, Душко Димитровски, Глигор Чемерски, Дејан Дуковски, Венко Андоновски, Илинденка Петрушева, Никола Ристановски, Владимир Блажевски, групите „Фолтин“ и „Бернајс пропаганда“, Сергеј Андреевски, Иван Џепароски, Петра Селишкар и Бранд Ферро, како и со меѓународно афирмирани личности како Желимир Жилник и Фред Келеман, се поместени „Зборот остава траги“, првиот заокружен публицистички труд на новинарот Тони Димков.

Новинарот Тони Димков

Новинарот Тони Димков

Книгата е поднасловена „Збирка интервјуа што ги надминуваат границите на своето време“ и, како што ќе биде забележано, во неа „авторот успева да постигне изворно и прецизно портретирање на личностите, како и на поширокиот социо-културен контекст, во кој тие живеат и творат“. Згора на тоа бележито е и тоа дека „заедничката нишка, што ги поврзува споменатите интервјуа е содржана во длабокото понирање низ биографијата на селектираните соговорници, како и со стремежот за проникнување во срцевината на нивната уметничка егзистенција“.

„Зборот остава траги не е една приказна, туку е еден колаж, еден микс од приказни што сум ги собирал низ годиниве наназад. Крајниот збир од 21 интервју што се објавени во книгата практично е една интуитивна и повеќе емотивна поврзаност со луѓето и со тоа што тие го имаат кажувано во моите интервјуа во текот на времето“, вели Димков.

Авторот истакнува дека ако бараме некаков рационален концепт во книгата нема да го најдеме и токму затоа е и насловот „Зборот остава траги“. Едноставно тој не одел по концепти, туку по трагите што неговите соговорници ги оставиле.

„Во тој емотивен момент лично веројатно секој автор кога прави нешто првпат се обидува да го вложи својот ентузијазам, волја, своите емоции...практично кристализацијата на содржината на книгата има во голема мерка емотивен набој, а емотивниот набој, пак, доаѓа токму од тоа што соговорниците во интервјуата го изнеле преку текстовите коишто се објавени. Без концепт меѓутоа со една длабоко обмислена емотивна конструкција е создадена книгата“, вели Димков.

Роден 1969 година во Скопје, Тони Димков е новинар од областа на културата и уметноста кој со години ги следи творештвото на македонските уметници од повеќе области и сите позначајни фестивали и културни манифестации во Република Македонија.

Во повеќе од 25-годишната работа во оваа област професионално бил ангажиран во повеќе електронски и печатени медиуми, како Македонска телевизија, неделните списанија „Глобус“, „Граѓански“ и „Форум“, дневните весници „Утрински весник“ и „Дневник“, месечните списанија „Арт Република“ и „Лајф магазин“. Од почетокот на 2014 година ја подготвува рубриката за култура во интернет-порталот „МКД.мк“.

Инаку, во текот на неговата досегашна професионална кариера има подготвено повеќе од 500 тв-прилози и стотици интервјуа и текстови од областа на културата и уметноста, а ова му е прва објавена книга.

Од таму на прашањето зошто дури сега се решил на еден ваков исчекор, Димков знае да каже дека едноставно сега се случил моментот за нивно собирање во една публикација и дека до него дошто на силен поттик од луѓето од „Магор“. Притоа правејќи ја пошироката селекција тој одбрал некаде 60-на што комотно можеле да легнат во првата книга, за да конечно поради техничките ограничености се* се сведе на заокружената бројка. Од друга страна, ова подразбира дека пред авторот сега се отвора убава можност и натаму да посега по сопствената архива од објавувани текстови и разговори што грижливо ја собирал низ годините.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG