Достапни линкови

logo-print

Ваши коментари – „Кукавички јајца“ на листите на опозицијата


Претседателот на СДСМ, Зоран Заев на 21-от Конгрес на партијата

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев на 21-от Конгрес на партијата

Објавувањето на кандидатските листи на опозициската коалиција предводена од СДСМ е најкоментирана тема од нашите читатели. Голем дел од нив сметаат дека поранешните сојузници на ВМРО-ДПМНЕ сега се „кукавички јајца“ на опозициските листи. Интерес предизвикало и интервјуто со претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов.

Пратеничката листа на СДСМ за вонредните парламентарни избори во декември предизвикала незадоволни коментари од фановите на Радио Слободна Европа на Фејсбук страницата. Повеќето се однесуваат на „кукавичките јајца“, како што постирал Лука Иванов, поради ставањето на листата на Лилјана Поповска од ДОМ, која до вчера, вели, ги уживаше сите привилегии на власта и на Диме Велковски, „кого гласачите не го сакаат, а по секоја цена мора да седне во фотелја“. Кирил-Кико Пировски ѝ ги реди на Поповска мааните: „Лилето кое беше по Груевски на негова листа на минатите избори, Лилето кое смени милион пати страни, Лилето со чиј глас во Град Скопје се усвоија урбанистичките планови за Центар“. Пировски дури бара „Заев и Шекеринска веднаш да се тргнат од раководството, има дечки“.

Изјавата на Павле Трајанов дека „Ова е битка да се биде или не“ исто така е коментирана на нашата Фејсбук страница. Кирил-Кико Пировски постирал и за тоа: „Битка да, но ти некако касно ми се освестуваш“, а Мирко Лазиќ многу сакал да биде како Трајанов: „Цел живот пратеник, без многу труд, само лаеш кога треба и тоа, аххх УДБА наша СУДБА“ – постирал Лазиќ. Марјанчо Ангеловски е голем песимист па вели дека „Предизборно почнатата битка како дел од војната ќе продолжи на денот на изборите ризичен по стабилноста на Македонија“ и потсетува на односот на Диме Спасов и на провладините медиуми по неговата сообраќајка со сè уште незавршена истрага.

Има доста коментари и во врска со втората десна коалиција меѓу Георгиевски, Бошкоски и Ангелов: активниот Кико Пировски смета дека „Љубчо си ја извршил задачата“, а Сашко Стојанов вели: „Се знае, играат за Грујо, веќе видено од некои од нив“.

На Фејсбук страницата, инаку, се коментира и информацијата дека сопатничката на Спасов досега трипати се премислила и ја менувала изјавата. Тони Богдановски иронично прашува: „Дали ќе има и четврти пат, прашање е сега“.

Информацијата дека владејачката партија трошела големи пари на американски ПиАр агенции за поправање на својот имиџ, Бранко Ангелов кратко ја коментирал: „Лесно е да плаќаш кога народот дава пари“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG