Достапни линкови

Трамп го нападна ФБИ, бидејќи не ја обвини Клинтон


Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп го критикуваше ФБИ, затоа што не покрена кривична пријава против демократскиот претседателски кандидат Хилари Клинтон. Во најновиот наод на ФБИ се наведува дека Клинтон не направила кривично дело со тоа што го користела приватниот сервер за владини имејл пораки.

На неколку часа пред претседателските избори во Соединетите Држави, Доналд Трамп во Мичиген изјави дека Хилари Клинтон не ќе може да се извлече од одговорноста за, како што рече, „страшните злосторства, вклучувајќи го и бришењето на 33 илјади пораки по налог на Конгресот“.

„Токму сега таа е заштитена од лажиран систем. Тоа е целосно лажиран систем. Јас долго време го велам тоа. Не можете да прегледате 650 илјади нови мејлови за осум дена. Вие не може да го направите тоа луѓе“, рече тој.

Претходно во неделата, директорот на ФБИ Џејмс Коми во писмо до Конгресот наведе дека агенцијата го завршила прегледот на новите мејлови и оти „не се променил заклучокот од јули годинава во врска со Клинтон“.

Тоа значи дека нема ново обвинување против неа во случајот со користењето на приватниот мејл сервер за државни пораки.

директорот на ФБИ Џејмс Коми

директорот на ФБИ Џејмс Коми

Случајот со приватната електронска пошта на Клинтон додека беше американски државен секретар беше затворен во јули годинава без да биде покренато обвинување против неа.

Пред повеќе од една недела, Коми со писмо го информираше Конгресот дека ФБИ покрена нова истрага за новооткриени пораки што дополнително ја разбранува претседателската трка.

Тогаш Трамп ја пофали одлуката, оценувајќи дека тоа покренува сериозни прашања за тоа дали на Клинтон може да ѝ се верува како претседател.

Клинтон на митингот во Њу Хемпшир не го коментираше последното писмо на директорот на ФБИ до Конгресот.

Таа главно беше фокусирана врз апатијата на гласачите, повикувајќи ги симпатизерите да „не останат настрана на денот на изборите“.

„Кога вашите деца и внуци ќе ве прашаат што направите во 2016 година, се надевам дека ќе бидете во можност да кажете дека гласавте за подобра, побезбедна, посилна Америка“, рече Клинтон.

Таа се уште има предност во однос на Трамп во повеќето анкети, иако таа предност е намалена.

Најновата анкета на новинската агенција Ројтерс покажува дека Клинтон на национално ниво има 5 процентни поени предност пред Трамп.

Имено, таа има 44, додека Трамп 39 процентна поддршка.

Од друга страна, трките во неопределените држави како Флорида и Северна Каролина каде што водеше Клинтон, сега се изедначени меѓу двајцата кандидати.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG