Достапни линкови

Редемократизација


Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија.

Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија.

Можеби државата не секогаш успева да изгради иднина за младите, но едно е сигурно, сите овие искуства стекнати во текот на сиве овие години се всушност процес на подготвување на младите за иднината, пишува Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Искрено во дилема ме става почетокот на овонеделнава колумна, „демократизација во 21 век“?! Смешно е, но колку што е смешно, пак, толку е и трагично, па стискам заби и решително чекорам и кон овој неизбежен процес кој реално требаше да се случи многу порано.После многу подеми и падови, предизвици и премрежја на Македонија, историјата ѝ се повторува, па наместо да ја живееме визијата за просперитетна и држава во благосостојба, Македонија, во која младите го уживаат животот градејќи иднина, за која ни завидува, ако никој друг барем државите од регионот, ние во 2016 година размислуваме за враќање на демократијата, за слободни медиуми, за слобода на размислување и говор, за поголемо младинско учество во демократските процеси. За што гореа генерациите во раните деведесетти, ако денеска се бориме баш за демократијата, која тогашната генерација ја донесе со идејата за самостојна и независна Македонија?

Неодамна на дебатата „Млади во изборен процес“ организирана од Институтот „Охрид“, имав прилика да тукуречи потсетам дека токму различностите се дел од демократијата, дека различните мислења и ставови градат подобри решенија, а едноумието е нешто старо и мртво кое и самите знаеме не носи ниту решение, туку напротив само трупа револт и ги храни проблемите со други уште полоши. Токму затоа сме таму и каде што сме, во дупка од која сепак има излез, но само со борба, не онаа, најлесната, со омраза и насилство, туку борба на идеи, борба на ставови и мислења.

Како и досега, ние младите, докажавме, но и понатаму ќе докажеме дека не сме тука да играме политика, туку храбро да зачекориме напред со крената глава, да застанеме на патот на насилството и да се спротиставиме на менталитетот на омраза. Со вклучување на спротиставените мислења и ставови ќе поттикнеме расправи преку кои ќе изнаоѓаме и предлагаме решенија за проблемите со кои се соочуваме, токму оваа трошка волја и надеж може да доведе до бура од промени.

И нека не Ве плаши фактот што многу млади веќе не се во своите домови тука во Македонија, оваа држава се уште има освестени млади, зрели и спремни да одговорат на предизвиците на ова време. Токму оваа генерација ја испишува новата страна од Македонската историја, токму оваа генерација млади ќе ги донесе демократските промени на голема врата во Македонија.

Преку овие ветришта на промените, ќе се избориме за подобра, просперитетна, држава во која младите нема да се грижат за својата иднина, држава во која младите ги уживаат сите права и привилегии.

Можеби државата не секогаш успева да изгради иднина за младите, но едно е сигурно, сите овие искуства стекнати во текот на сиве овие години се всушност процес на подготовка на младите за иднината.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG