Достапни линкови

СЕП: Македонија и година ќе добие условена препорака


Архивска фотографија

Архивска фотографија

Македонија и годинава ќе добие препорака од Европската комисија за почнување на преговори со ЕУ, но таа ќе биде условена, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Арбр Адеми. Тој посочи дека клучни за евроинтегративните процеси за земјата ќе бидат претстојните предвремени парламентарни избори на 11 декември кои треба да бидат беспрекорно спроведени.

„Условот е организирање фер, демократски и кредибилни избори чиј резултат ќе биде широко прифатен од сите политички партии во земјата, но и од нашите пријатели во меѓународната заедница. Верувам дека првичните реакции ќе бидат во таа насока дека сме постигнале позитивен чекор со фактот што Македонија вторпат по ред добива условена препорака. Но, имајќи ги предвид сите околности задржувањето на препораката е многу важно. Тоа ќе биде потврда за нашата европска перспектива“, рече Адеми.

Вицепремиерот Адеми очекува во делот на политичките критериуми да има забелешки, особено во областите кои се опфатени со итните реформски приоритети. Во овој правец во наредниот период, нагласи, треба уште повеќе фокусот да се стави на имплементација на предвиденото во идните реформски приоритети.

На новинарските прашања за можноста за одземање на препораката доколку изборите не поминат добро, Адеми посочи дека верува оти сите политички и општествени чинители во наредниот период ќе се однесуваат одговорно бидејќи се свесни за важноста на овие избори за иднината на земјата.

XS
SM
MD
LG