Достапни линкови

Неделници - виновници и партиска програма


Фокус пишува „Ние крадевме, а СДСМ немаше програма!!!, Глобус се осврнува на тоа дека за „ДПМНЕ сите се виновни освен виновникот“, а главна тема во Република е „Кој ја води кампањата на СДСМ?“

Фокус- „Ние крадевме, а СДСМ немаше програма!!!

„Ние крадевме, а СДСМ немаше програма!!!“ – се подбива Фокус во уводникот со секогаш повторуваната флоскула на владејачката партија кога некој од ВМРО-ДПМНЕ ќе стори некој скандал, дека опозицијата немала програма. „Што мажишча ќе беа, бре?“ – прашува неделникот. „Како што си имаат ‚рент а фејс‘ да им фигурираат на компаниите што ги лапнале, иако главно и тука им се вртат десетина исти сурати, така си имаат ДОПОЛНИТЕЛЕН ЗАМЕНИК ВИНОВНИК. Не е виновен Диме, туку шоферот! Во времето на Љубчо, бре, барем шоферите стануваа акционери во банки“ – потсетува Фокус, и додава: „Како што Игор Спасов лежи в затвор како заменски убиец на Мартин Нешкоски. И не ѝ овозможија на Катица да може да користи ‚заштитен сведок‘, за да го открие вистинскиот, оти, нели, ‚СДСМ нема програма‘“ – поентира Фокус.

Глобус - За ДПМНЕ сите се виновни освен виновникот

Глобус во една своја колумна насловена како „Свирчиња и шупелки“ ги користи сообраќајните инциденти на поранешниот министер за труд, а сега дополнителен заменик во владата што треба да подготви веродостојни и фер избори, Диме Спасов, за да нагласи дека „свирче не се прави од секое дрво, шупелка уште помалку. Се случува“, пишува понатаму колумнистот, „и од криво дрво да се направи свирче или шупелка, а ако се доберат до некоја или некаква функција, ако станат власт, тогаш стануваат најумни, најсилни“. Потоа Глобус наведува дека „невиден скандал, а не инцидент е сообраќајката што ја шокира јавноста. Има разлика. Не само затоа што дпмнеовски и владин функционер, што е исто, е учесник во сообраќаен инцидент. Туку, пред сè, затоа што скандалот што се случува околу сообраќајна незгода од (бедни) 150 евра, е уште еден доказ за дпмнеовскиот однос кон вистината, за нејзината ‚чест‘ и ‚доблест‘“, пишува Глобус, па продолжува дека „законот на дпмнето – сите се виновни освен виновникот, е применет и во овој, за партијата, минорен инцидент“. И продолжува дека главен виновник за инцидентот/скандалот според партијата на власт е СДСМ кој измислува „лаги и конструкции“ и создава „конфликтност, деструкција и кризи“, што е типично за талентираните дпмнеовски свирчиња и шупелки за извртување на вистината да „докажуваат“ дека сите околу нив за сè се криви, а тие се невини како бебиња.

Република - „Кој ја води кампањата на СДСМ?“

Главната тема Република ја објавува на насловната: „Кој ја води кампањата на СДСМ?“ со фотографии на дури осуммина познати поранешни и сегашни функционери и констатација дека тоа се: „Мрачни ликови за мрачни сценарија“ и дообјаснување дека, како што пишува, „ударната тупаница на Зоран Заев во оваа кампања се старите кадри од Службата за државна безбедност и поранешни шефови на ДБК“. Неделникот наведува дека дел од нив во претходниот систем и во деведесеттите биле носители на идејата за уништување на сè што значи ВМРО, а денес биле последен бедем на СДСМ за одбрана на седумдецениската мисија.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG