Достапни линкови

Весниците за Југохром и дивоградбата на Панчевски


Гаснењето на печките на Југохром и случајот со дивоградбата на претседателот на Кривичниот суд, Панчевски се топ теми во весниците. Тие пишуваат и за случувањата со Диме Спасов, а и за одложувањето на судењето за „Пуч“.

Се чини дека станува редовна практика пред избори да се појавуваат други теми кои го одвлекуваат вниманието на јавноста, но кои пак се користат за меѓусебни партиски препукувања.

Државниот инспекторат за животна средина нешто се активира, па донесе одлука Југохром да престане да работи, затоа што уште не е поставен системот за отпрашување. Утрински објави дека „Југохром започна со гаснење на печките“.

Актуелен е и случајот со дивоградбата на претседателот на Кривичниот суд, Панчевски. Исто така Утрински информира дека „Панчевски сам ја урива спорната надградба“. Вечер со друг дискурс на работите: „Семејството Панчевски жртва на власта во Општина Центар“.

И случајот со довчерашниот министер за труд Диме Спасов е уште актуелен. Нова Македонија во наслов ја вади изјавата на министерот Спасовски дека „Случајот Диме Спасов е чист како солза“. Истрагата била завршена и набрзо ќе бидат поднесени соодветни пријави против учесниците во сообраќајниот инцидент. „Сакам да знаете дека законот ќе важи подеднакво за сите, било да е министер, било обичен граѓанин“ – ги пренесува весникот зборовите на министерот Спасовски.

Слободен печат во врска со најновото одложување на рочиштето за „Пуч“ поради болест на судијката и затоа што Груевски наводно не добил покана од судот, оди со наслов: „Груевски бега од ‚Пуч‘ како Диме од пијаниот карамбол!“ а информира и за реакцијата на Катица Јанева во врска со одложувањето: „Како не ви е срам!“ се цитираните зборови на специјалната обвинителка. Вечер со свој приказ: „Тамам ќе помислите дека нема подоле, СЈО и Јанева ќе ве изненадат: Ново Катица-шоу, овој пат во судот!“ Дневник ги брои одложувањата поради Заев и Јанева: „Кривичниот суд контра СЈО за ‚Пуч‘ – од десет рочишта, девет се одложени поради Јанева и Заев“.

Малку без вообичаеното внимание во медиумите, на кое сме навикнале, се одвива предизборната кампања, со неофицијални информации за пратеничките листи, со фалбите за ова или за она и таканатаму. Утрински ги следи состојбите во ДИК: „Нови кавги за избирачкиот список – Според ВМРО-ДПМНЕ последните бројки ги демантираат тврдењата на опозицијата за фантомските гласачи, додека од СДСМ велат дека се потврдило дека во земјава има едвај 1,5 милиони избирачи“. Утрински наведува и дека во ДИК има „хаос“. „Пробиен е рокот за ставање на избирачкиот список на јавен увид, нема печати“ – пишува весникот.

Нова Македонија ја загатнува дилемата дали Уставниот суд ќе успее да се изјасни по двете поднесени иницијативи пред да се одржат изборите. Едната за датумот на распуштање на Собранието, а втората за распишување на изборите без да се усогласат разликите во бројот на гласачи во Шестата изборна единица. Дневник објавува дека „ДУИ на мала врата ќе го менува системот“ и притоа го цитира Али Ахмети: „Или целосна еднаквост или нема влада“. За Утрински се интересни изјавите на Георгиевски во врска со коалицирањето: „Георгиевски не исклучува соработка со Груевски“. Исто така, дека „Планираниот широк десничарско-центристички блок почна да се раситнува. ВМРО-НП најавува нова коалиција - со Обединети за Македонија и со Достоинство, наспроти Коалицијата за промени и правда“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG