Достапни линкови

Тешкиот живот под ИД во Мосул


Семејства кои бегаат од борбите во Мосул меѓу ирачката армија и милитантите на Исламската држава го преполнија кампот Казир. Речиси сите во кампот живееле во, како што велат, трауматско секојдневие. Оние што остнаа милитантите ги користат како човечки штит, во борбите со ирачките владини сили.

Еден од бегалците е и Али Хамид кој некогаш бил сопственик на продавница за автомобили и, како што вели, имал пристоен живот во Мосул. Сè се изменило во јули 2014 година откако градот паднал во рацете на милитантите на Исламската држава. Насекаде се слушале пукотници, а училиштата затворени, додека болницте преполни.

Екстремистите вовеле строги правила. Доколку некој ги прекршил веднаш се соочувал со безмилосна казна.

„Ако некој ги прекршеше нивните правила ќе беше тепан или турнат од зграда. Доколку се посомневаа дека некој бил шпион, тој веднаш беше обезглавуван“, раскажува тој.

Освен тоа, милитантите вовеле и големи даноци. Хамид морал да плаќа висока цена за неговата продавница на автомобили.

Сите возила што се продавале морале да бидат регистрирани со таблички на Исламската држава.

ирачки бегалци

ирачки бегалци

Не минало долго време, а Хамид бил уапсен поради, како што вели, неосновани сомневања, а неговата продавница му била конфискувана.

„Бев уапсен 13 дена. Ме мачеа, бидејќи наводно сум дал некаква информација за владата“, вели тој.

Повеќето жители во градот ги загубија нивните работи, а ретко кој се осмелувал да излезе на улица.

Ваквото пеколно преживување траело повеќе од две години, се додека не слушнале татнежи од битките меѓу ирачките владини сили и милитантите на Исламската држава во близина на Мосул.

Веднаш потоа Хамид и неговото семејство избегале во кампот Казир кој е под заштита на владините сили.

„Ова е како сон. Јас не се осмелував да замислам дека ќе дојде ваков ден. Ја чекав слободата. Единственото нешто што ми доаѓа на ум е благодарам на Бога што се спасив. Лошите денови поминаа“, раскажува тој.

Хамид сега живее во кампот со неговата сопруга, трите ќерки и двајца внуци. Неговиот брат го земале милитантите на Исламската држава.

И додека Хамид се сеќава на неговиот живот во Мосул, голем број бегалци сé уште чекаат надвор од логорот за да бидат сместени.

Агенцијата за бегалци на ОН соопшти дека над еден милион ќе ги напуштат нивните домови поради борбите на ирачките сили за повторно ослободување на Мосул од милитантите.

Во меѓувреме, Советот за безбедност на ОН ги осуди милитантите на Исламската држава за користењето човечки штитови во борбите во ирачкиот град Мосул.

Во извештајот до Советот се наведува дека милитантите земале илјадници цивили од нивните домови за да ги користат како човечки штит.

Инаку, лидерот на милитантите на Исламската држава Абу Бакр ал-Багдади ги повика своите приврзаници да продолжат да се бранат од ирачките сили кои влегоа во градот Мосул каде што тој пред две години прогласи „калифат“.

„Не се повлекувајте“, порачува тој на аудио снимка објавена денеска на еден медиум на ИД, што е прва негова порака во изминатава година.

Откако ирачките сили покренаа офанзива врз Мосул, во овој град, според проценките, останале најмногу околу 5 илјади милитанти.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG