Достапни линкови

Сите подготвуваат изненадувања на партиските листи


Архивска фотографија - Гласање на претседателски и предвремените парламентарни избори во 2014 година

Архивска фотографија - Гласање на претседателски и предвремените парламентарни избори во 2014 година

СДСМ ќе има листи на кој ќе се најдат познати партиски кадри, интелектуалци, граѓански активисти. ДПА веќе ги промовираше своите листи на кои има доста, засега, непознати лица. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се најтаинствени, а експертите очекуваат и тие да прават комбинации меѓу познати партиски лица и нови кадри.

Нови, досега непартиски експонирани лица, квалитетни кадри, докажани политичари. Ова е сублимат од изјавите на претставници од двете партии на македонскиот политички блок за тоа кој сè може да се најде на нивните листи за пратеници.

Работите кај СДСМ ќе станат појасни в недела, за кога е закажан партискиот конгрес на кој ќе се објават листите. Од партијата велат дека на нив, покрај досегашните познати партиски кадри, ќе се најдат и помлади и досега непартиски активни лица, односно претставници од граѓанскиот сектор, експерти, интелектуалци блиски до опозицијата. Иако официјално не се потврдува и нивниот претседателски кандидат Стево Пендаровски се споменува како еден од носителите на листи. Новина за опозициската партија е и што за пратеници на добитните места ќе се натреваруваат и неколкумина етнички Албанци.

Од ВМРО-ДПМНЕ се позатворени за информации. На прашањето дали ќе има изненадување на партиските листи повикуваат да се гласало за нив за да освоеле 63 пратеници, оти како што нагласува портпаролот Иво Котевски, се друго преставувало ризик „за исполнувањето на ветувањата на СДСМ и на ДУИ за редефинирање на државата и официјализирање на албанскиот јазик на цела територија“.

„Се уште се работи на листите. Ќе се потпираме на најквалитетните кадри, бидејќи само со сериозен и чесен однос кон граѓаните може да ја очекуваме нивната целосна доверба и остварување на примарната цел, освојување на 63 пратеници“, вели Котевски.

Од таму засега не откриваат кога и на кој начин ќе ги промовираат изборните листи, ниту пак дали ќе го чекаат последниот рок за нивно поднесување до Државната изборна комисија 11 ноември.

И ДУИ не даваат конкретен одговор какви кадри ќе преферираат на овие избори. Велат ќе имале динамична платформа која подразбирала заокружување на темите отворени со Рамковниот договор.

„ДУИ е во консултацијата за избор на најдобрите кандидати кои ќе можат да се носат со новата платформа за следниот мандат”, вели партискиот портпарол Бујар Османи.

Двете владејачки партии ,всушност, на овие избори мора да внимаваат при составувањето на листите, бидејќи голем дел од нивните досега познати партиски лица ги имаше во опозициските бомби што може да им донесе негативни поени. Дополнително неколку личности од ВМРО-ДПМНЕ се осомничени во различни постапки од Специјалното јавно обвинителство. Затоа и аналитичарот Џељаљ Незири смета дека двете партии на листите ќе прават комбинации меѓу досега експонираните кадри и нови лица.

„Ќе се обидат да испратат порака дека нивните партии се реформираат и преку кандидатските листи истовремено ќе се обидат да ги заштитат и моќниците во своите партии. Очекувам ДУИ во носители или пак во погорните делови од нивните листи да стави некои од столбовите на партијата вклучително и бившиот заменик премиер за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери кој беше најзастапен во бомбите“, вели Незири.

ДПА е единствената партија која веќе ги објави листите за пратеници. Од досегашниот пратенички состав лидерот Мендух Тачи и пратеникот Орхан Ибраими се носители на листи, а другите лица се досега партиски непознати во пошироката јавност.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG