Достапни линкови

logo-print

Загриженост на светските пазари од тесната трка во САД


Светските берзи и американскиот долар бележат пад по сигналите дека претседателската трка станува се потесна меѓу кандидатите на демократите и на републиканците, Хилари Клинтон и Доналд Трамп. Тие на неколку дена пред изборите ја интензивираа кампањата во државите кои може да бидат клучни за конечниот резултат.

Инвеститорите во светот во изминативе неколку недели се обложуваа на тоа дека Клинтон уверливо ќе победи со оглед на резултатите од анкетите кои покажуваа дека таа има неколку проценти предност пред Трамп.

Но, по повторното покренување на истрагата од страна на ФБИ во врска со приватните мејлови на Клинтон, некои анкети покажаа дека Трамп за прв пат по неколку месеци води пред Клинтон.

Неизвесноста на трката вчера доведе до пад од еден до еден ипол отсто на акциите на Вол стрит, а анксиозноста потоа се прошири на берзите во Франкфурт и Париз, а денеска изутрина и на берзите во Азија.

Пад на вредноста забележа и американскиот долар и тоа за еден процент спрема еврото.

Дел од експертите сметаат дека ова е резултат од загриженоста на инвеститорите кои во период на сегашниот политички метеж во Соединетите држави почнуваат да ги кријат нивните средства во например злато.

„Пазарите се градат врз победа на Хилтон. Победата на Трамп ќе ги замати работите“, вели аналитичарот Пол Нолте.

Во најновата анкета на Еј Би Си њуз и Вашингтон пост, Трамп води за еден процент пред Клинтон, меѓутоа просекот на испитувањата на јавното мислење на национално ниво испитувања покажува дека Клинтон останува за над два насто пред Трамп.

Сепак, во таканаречените критични држави како Охајо и Флорида републиканскиот кандидат има предност.

Трамп за време на еден митинг во Висконсин дури побара од оние што веќе гласале за неговиот демократски ривал да го откажат својот глас и да гласаат за него.

„Ова е порака за сите демократски гласачи кои веќе го дадоа својот глас за Хилари Клинтон и кои имаат грижа на совест за тоа, со други зборови сакате да го промените вашиот глас“, рече тој.

Неколку држави, како Мичиген, Пенсилванија, Минесота, имаат процес кој им дозволува на оние што гласале порано да го сменат нивниот глас, меѓу другото и со поднесување нови гласачки ливчиња.

Во меѓувреме, Клинтон во Флорида го нараче Трамп „постер момче за сето она што не е во ред со американсата економија“.

„Мислам дека Американците заслужуваат да знаат дали тој платил казна за изигрување на законот, колку всушност вреди, со кој прави бизнис, јас сум посебно заинтересирана за руските бизнис договори“, рече таа.

Претседателот Барак Обама во вторникот уште еднаш ги повика гласачите да ја дадат својата поддршка за Хилари Клинтон.

Тој на еден митинг во Охајо призна дека неговата поранешна државна секретарка направила грешки, но рече дека таа „во основа е добар и пристоен човек“ што ја прави да биде исклучителен претседател.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG