Достапни линкови

„Скупи фестивал“ - една декада оаза за малите, интересни, нови театри


Несоница, театарска претстава

Несоница, театарска претстава

Со голдониевата безвремена комедија „Слуга на двајца господари“, во режија на Куштрим Бектеши и изведба на Професионалниот театар од Призрен, овој четврток, на 3 ноември, во 20 часот, во кино „Фросина“, во Младинскиот културен центар, ќе започне 10-то јубилејно издание на „Скупи фестивал“, интернационалната манифестација која во изминатиов период, без сензационализми, се обидуваше и успеваше да го пополни празниот простор во македонското театарско живеење и да стане промотор на посебни артистички вредности.

Уметничкиот простор кој „Скупи фестивал“ го отвара е своевидна оаза за сите нас кои влегуваме во ризиците на современото уметничко творештво. Ретки се селекторските и организациски контексти кои обезбедуваат континуитет, настојувајќи бескомпромисно, храбро да се занимаваат со новите форми во театарот.

Ова ќе го забележи во својот текст печатен во монографијата „10 години Скупи фестивал“ актерката и режисерка Сенка Булиќ.

Нејзината колешка Диана Добрева констатира дека тоа е „еден од најважните фестивали во регионот“, а режисерот Лука Кортина, во своето писание истакнува дека „тоа е единствен фестивал во македонскиот театар кој соединува, создаден од различни култури, ослободен од зависноста од театарската куќа. Единствен театарски фестивал во Македонија кој е заинтересиран да открива, а не да биде откриен“.

Музбајдин Ќамили – Мучи, директор на Фестивалот, вели дека е многу лесно да се изброи од еден до 10, но да успееш да одржиш во живот едно културно случување цела декада, броењето добива друга димензија, бидејќи наспроти себе го имаш предизвикот време. Дека „Скупи фестивал“ успеа да го создаде својот идентитет, а тие како организатори успеале да донесат 90-на претстави од странство, да влезат во две големи мрежи на значајни интернационални театарски фестивали и да аплицираат за третата, да остварат многу пријателства и соработки со бројни уметници и да го развиваат мултикултурализмот, посебно овде на просторот на закрвавениот Балкан.

Сенко Велинов, пак, уметничкиот директор, потсетува дека на првото издание на Фестивалот рекол дека нема да робуваат на концепти, нити дека ќе робуваат на жанрови. Дека на почетокот немале избор, но дека пресвртот се случил по петтата година од неговото одржување кога започнале од пристигнатите апликации да го бираат она што им се чинело поинтересно, театри што не сме ги виделе во земјава, успешни проекти на нашите театарџии во странство, едноставно она што не го нема на програмата на МОТ.

„Ако ме прашате дали сум супер задоволен, не сум супер задоволен. Секогаш мислам дека може да биде подобро. Може да биде подобро се разбира, но нема да се стремиме кон мејнстримот, да ги носиме најголемите претстави. Тоа едноставно не можеме да го издржиме финансиски, па затоа ќе гледаме сè уште да носиме значајни, интересни, мали нови театри. Ете тоа ќе го правиме“, вели Велинов.

Во контекст на ова, од вкупно 184 пристигнати апликации, за десетото јубилејно издание организаторите одбраа седум претстави, кои ќе бидат прикажани од 3 до 9 ноември , во киното „Фросина“ во МКЦ, последното нивно прибежиште.

Отворањето на „Скупи фестивал 2016“ ќе биде со адаптацијата на голдониевата класика „Слуга на двајца господари“ што во Професионалниот театар во Призрен ја сторил режисерот Куштрим Бектеши. Следува „Кожурки“ што, на текст на Адалет Адаоглу, со истанбулската компанија „Пангар“, ја поставил Ајсен Самлиоглу, а на 4 ноември ќе гостува МИТ ФАКТОРИ од Прага со нетрадиционалната театарска продукција „Несоница“, заедничкиот труд на четворица истакнати чешки творци како Луција Ферензова, Викторија Чермакова, Радим Спачек и Мирослав Бамбушек, секој со свое видување на различните сфери на мистичниот и темен свет на зборови во кој нивната хероина, читателка на делата на Толстој и Хенри Милер, потонува.

Следува дуо-драмата „Тие влегуваат без да топнат“, проект на Арманд Бора и актерите од Театар на денот – Алфред Требишка и Рози Костани, во кој е распослана сторијата за двојката интелектуалци во времето на диктаторскиот режим, за да на 7 ноември биде прикажана „Вампир“ од Антон Страшимиров во режија на Маргарита Мачева и изведба на Драмски театар „Никола Вапцаров“ од Благоеврград, соседна Бугарија, една претстава за нерационалните желби, за храброста да се биде поинаков, за внатрешниот порив и борбата за опстанок во свет во кој овие идеали се забранети.

Наредниот ден на програмата е „Пред да умреш“ на креативниот тим Тери Гаспар и Шабел Зита и СТЕРЕО АКТ од Будимпешта, пиеса којашто се бави со листата на неостварени соништа, за да завесата на јубилејното 10 издание на „Скупи фестивал“ биде спуштена со „Жозефина“, проект на ШАЛИВАТЕ КОМПАНИ од Брисел. Во оваа драма работена по идеја на актерите Сандрине Хејрауд и Сикаир Дурие, а во режија на Жером Дејеан, дијалогот помеѓу телото и зборот, поетски и физички, ја изразува визуелната моќ на сторијата на еден маж и една жена сместена некаде во просторот помеѓу распрсканите спомени и опсесивната желба.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG