Достапни линкови

Грејната сезона го зголеми аерозагадувањето во Тетово


Загаден воздух во Тетово.
Загаден воздух во Тетово.

Со започнување на грејната сезона воздухот ќе биде повеќе загаден, велат од тетовскиот Центар за јавно здравје. Невладините порачуваат институциите да бидат поажурни, за да може и граѓаните да се угледаат на нив, кога се работи за подобрување на квалитетот на воздухот.

Концентрациите на отровните материи во воздухот, пи-ем 10 честичките на метар кубен, во текот на октомври сè повеќе се зголемуваат во Тетово, со што аерозагадувањето станува сè поизразено. Ако во изминатите месеци имало по 70-тина микрограми на метар кубен просечно, сега веќе на дневна основа се над на 100 микрограми пи-ем 10 честички. Со започнување на грејната сезона и горењето дрва сè повеќе воздухот ќе биде загаден, потенцира доктор Ратко Давидовски од тетовскиот Центар за јавно здравје.

„Со почеток на грејната сезона концентрациите на пи-ем 10 ќе се зголемат за некаде по наши проценки до 70 проценти. Како можеме ние да придонесеме да не се зголеми тој процент, пред сè затоа што е огромен број на населението кои дома се грее на фосилни горива, дрва, нафта. Би замолил и би апелирал чистење на оџаците. Потоа треба правилно ложење, тука мислам отпадот да не се користи, да се гори пластиката, гумата, прегорено масло во работилниците, иверици лакирани, тоа воопшто да не се користи, затоа што многу придонесува за зголемување на концентрациите на пи-ем 10 честичките“, истакна Давидовски.

Аријанит Џафери од здружението Еко Герила, смета дека сè додека институциите не работат конкретно во насока на подобрување на квалитетот на воздухот не треба да се очекува дека тоа повеќе од нив ќе го прават граѓаните.

„Ние сме кажале многу пати дека треба да функционира правната држава во оваа земја, поради тоа што ако не се почитува законот и Уставот на државата, таму ќе има и фабрики кои ќе загадуваат, ќе има и депонии по градови и градоначалници на кои не им гајле за тоа, значи ќе има градови без јавен превоз, ќе има фрлање на ѓубре насекаде. Тоа е прво што треба да се направи, треба долгорочно да се почитува законот и Уставот на Република Македонија од страна на надлежните како прво, а после тоа и граѓаните да работат на тоа“, вели Џафери.

Од друга страна сè повеќе во насока на поквалитетен животен простор работат граѓанските организации. Ако на пример се одржува дебата за иселување на млади, се наметнуваат еколошките теми како предуслов за добар живот, оценува Даниела Стојанова од проектот Цивика Мобилитас.

„Очекувам граѓанските организации вклучително и ние самите да се договориме за конкретна акција да речеме од утре, во текот на зимата, пролетта, какви акции заеднички. Не мора да сме организација за животна средина да бидеме солидарни и да ги поддржиме активности. Воздухот сите го дишеме и треба да сме солидарни едни меѓу други и на прашањето да си даваме поддршка“, вели Стојанова.

Како и во 2015 година, и во 2016-тата во Тетово, најголем дел од изминатите денови поминале со загаден воздух.

XS
SM
MD
LG