Достапни линкови

Битката за Мосул и страхувањата од нов бегалски бран


Курдските сили во првиот ден на офанзивата за заземање на Мосул, главното упориште на милитантите на Исламската држава, ја презеле контролата на околу двесте квадратни километри во близина на градот. Станува збор за една од најголемите офанзиви во Ирак од инвазијата предводена од САД против Садам Хусеин во 2003 година.

Командата на ирачките Курди соопшти дека околу 4 илјади Пешмерга борци биле дел од операцијата за чистење на неколку села источно од Мосул кои беа во рацете на милитантите.

Претседателот на ирачките Курди Масуд Барзани изјави дека операцијата била во координација со ирачките сили.

„Над 200 квадратни километри се ослободени. Ова е прва фаза во операцијата за Мосул“, рече тој.

Барзани изрази надеж дека соработката со ирачките сили позитивно ќе се одрази врз идните односи на Курдите со владата во Багдад.

Пешмерга борци источно од градот Мосул, 17.10.2016.

Пешмерга борци источно од градот Мосул, 17.10.2016.

Битката за Мосул е високо ризична воена операција која има за цел да ги истера милитантите од нивното најголемо упориште во Ирак.

Во големата џамија во овој град лидерот на милитантите на ИД Абу Бакр ал Багдади пред две години прогласи „калифат“ во Ирак и соседната Сирија.

Ако падне Мосул, тогаш Рака во Сирија ќе биде последното упориште на ИД. Во Мосул има околу милион ипол цивили.

Директорката за планирање во Меѓународниот комитет за спасување Сара Кејс вели:

„Очекуваме повеќето луѓе да избегаат во самиот Ирак и главно на југ и југоисток. Некои можат да стигнат до регион Курдистан, а многу малку може дури и да преминат во Сирија“, вели таа.

Според неа, тоа ќе биде хуманитарна катастрофа на постојната хуманитарна катастрофа во Ирак со оглед на тоа што на 10 милиони ирачани им е неопходна помош.

Таа додава дека во наредниве неколку недели од Мосул би можело да избегаат над 200 илјади луѓе.

„Офанзивата, всушност, не го погоди самиот град Мосул. Луѓето се уште не се во бегство. Она што го очекуваме е дека како офанзивата ќе оди поблиску и поблиску, 200.000 луѓе да побегнат во следните неколку недели, а потенцијално и до еден милион во следните неколку месеци“, вели таа.

Обединетите нации соопштија дека битката за Мосул ќе бара најголеми и најсложени хуманитарни напори во светот, со оглед на тоа што, над милион луѓе би можело да останат без своите домови.

Обединетите нации исто така, страхуваат дека голем број цивили ќе бидат користени како човечки штитови, или егзекутирани од џихадистите во гасни комори.

Портпаролот на Белата куќа Џош Ернст соопшти дека офанзивата во Мосул е важен чекор во американската кампања против ИД.

„Не сум запознат со некоја специфична временска рамка за тоа кога операцијата ќе биде завршена“, прецизира тој.

Долгото времетраење на операцијата за заземање на Мосул, според аналитичарите, ќе доведе и до нов бегалски бран не само во Ирак и регионот, туку и во Европа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG