Достапни линкови

Уметноста не е имуна на извршителите


Присилно иселување на прилепскиот Центар за современа ликовна уметност, попознат како Ликовна колонија на 13 октомври 2016

Присилно иселување на прилепскиот Центар за современа ликовна уметност, попознат како Ликовна колонија на 13 октомври 2016

Прилепскиот Центар за современа ликовна уметност, познатат како Ликовна колонија, која шест децении функционира во Прилеп, е присилно иселен со извршител. Колонијата, со децении финансирана од буџетот на ресорното министерство, а поддржана и од локалната власт, сега не добива ниту денар.

Присилно со извршител е иселен од просториите во кои работел повеќе од две децении, прилепскиот Центар за современа ликовна уметност или познатата Ликовна колонија, која функционира шест децении во Прилеп. Од Центарот најавуваат кривична пријава против директорот на Домот за култура „Марко Цепенков“ и против извршителот, зашто тврдат дека овој деловен простор е дивоградба за која повеле постапка за легализација.

„Ова е насилнички чин, преседан, демонстрирање на сила, безредие, непочитување на право, на закони. Центарот постои 59 години и досега не постои земја или континент во светот од каде што сме немале учесник, низ годините продефилирале 700 уметници и оставиле најразлични дела, скулптури, слики, цртежи, може околу 1000 дела“, вели Горан Ристески, претседател на Управниот одбор на граѓанското здружение, Центар за современа ликовна уметност (ЦСЛУ).

Адвокатот на ЦСЛУ смета дека самата постапка е преседан во извршните постапки.

„Законски извршителот требаше да констатира дека извршната исправа не е подобна за извршување, од причини што не може да го лоцира деловниот објект, којшто е опишан во пресудата и којшто требаше да го испрати и да го предаде во владение“, вели адвокатот Жаре Стеваноски.

И тој потврдува дека овој простор не е сопственост на Република Македонија, туку е дивоградба, којашто од почетокот ја користел ЦСЛУ.

Но, според директорот на домот на културата во Прилеп, овој простор е во сопственост на Министерството за култура, коешто во извршна постапка, врз основа на пресуда од Апелационен суд, си го враќа просторот, којшто го користеше Центарот за ликовна уметност. Тој посочува на простор од околу 500 квадратни метри во Институтот за старословенска култура, за којшто тврди дека е на располагање на Центарот, зашто таму е сместено депото на ЦСЛУ и тука нема потреба од грижа за уметничките дела.

„Значи просторот е на Република Македонија, не може да биде целиот простор на Република Македонија, само тој да не е на Република Македонија“, категоричен е директорот Тони Чатлески.

Ликовната колонија основана пред шест децении од д-р Бошко Бабиќ, историчар на уметност, којшто на прилепската јавност и е познат по својот огромен придонес за развој на културата и уметноста во Прилеп и околината, подоцна прерасна во Центар за современа ликовна уметност. А, во Центарот продолжија да работат членови на потесната фамилија. Оттука дел од прилепската јавност, овој чин на присилно иселување смета дека има политичка позадина. Затоа што актуелни членови на Управниот одбор се во тесна роднинска врска со двајца истакнати граѓански активисти, борци за човекови права и учесници во Шарената револуција, новинарот Огнен Јанески и актерот Марин Бабиќ.

Колонијата со децении финансирана од буџетот на ресорното министерство, а поддржана и од локалната власт, сега не добива ниту денар. Иако делата на Центарот ги красат парковите во Прилеп и ѕидовите речиси на сите државни институции.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG