Достапни линкови

Адеми - Кризата ги закочи евроинтеграциите


Потполно сме свесни за последиците кои може да произлезат од евентуалните компликации и околу изборите, но и околу работата на СЈО. До тоа никој не сака да дојде, вели вицепремиерот за евроинтеграции Арбр Адеми во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Адеми, во пресрет на новиот извештај за напредокот на Македонија кон ЕУ, се уште е нејасна разрешницата на политичката криза, има опструкции на работата на Специјалното јавно обвинителство, а се појавија индиции и за ново пролонгирање на изборите. Како старо-новата политичка ситуација ќе се одрази на извештајот на Европската комисија?

Политичката криза, дефинитивно, се одрази на динамиката на спроведување на реформите. Политичките преговори се одвиваа доста долго, но со посредство на САД и ЕУ, сепак сметам дека во последните неколку месеци се направија позитивни чекори за разрешување на политичката криза. Најголемиот предизвик е пред нас, а тоа е да покажеме и да докажеме дека имаме капацитет и посветеност да организираме избори кои ги исполнуваат меѓународните стандарди чии резултати ќе бидат широко прифатени. За сето ова разговаравме и за времe на мојата последна посета на Брисел, кога се сретнав и со евроамбасадорот Хан, но и со други високи претставници на институциите на ЕУ. Како политички чинители, разбирајќи ја комплексноста на политичката ситуација во земјата, во регионот и пошироко, потполно сме свесни за последиците кои може да произлезат од евентуалните компликации и околу изборите, но и околу работата на СЈО. До тоа никој не сака да дојде, а одговорноста е врз политичките чинители кои се инволвирани во политичките преговори. Во однос на извештајот на Европската комисија, како и секогаш јас верувам дека ќе добиеме објективен извештај, коректен извештај, кадешто ќе се нотира нашиот напредок, позитивните активности особено напредокот во политичкиот дијалог, но секако истиот ќе содржи забелешки и препораки, пред сè за областите кои се опфатени со итните реформски приоритети.

Дали може да се случи да ја изгубиме препораката, со оглед дека во два наврати веќе беше условена?

Јас сум оптимист и верувам дека Македонија се уште ја има европската перспектива, а потврда е и самата посета на еврокомесарот Хан на земјата. Наша обврска е после организирањето и спроведувањето на изборите да се посетиме максимално на спроведување на потребните реформи, особено во делот на владеење на правото, економијата и процесот на усогласување на нашето законодавство со правото на ЕУ. Дозволете да истакнам дека Македонија има една условена препорака од 2015. Извесно, многу извесно е дека таква препорака ќе добиеме и оваа година. Ова е пред сè, поради политичката криза и неколкупати одлаганите избори.

Зошто имаме впечаток дека колку и да се однесуваме неодговорно политички на крајот сепак препораката нема да ни биде одземена? Што не прави толку сигурни дека таа на крајот сепак е загарантирана? Не сме толку заинтересирани за европските перспективи, со оглед дека упорно ни се нотираат забелешки кои не ги спроведуваме и ни се додаваат нови.

Би сакал да ве уверам дека извештајот на Европската комисија е клучен документ и претставува основа за дефинирање на нашите реформски активности. Секретаријатот за европски прашања уште веднаш штом се објави извештајот прави анализа на наодите и истата се споделува со сите релевантни институции, се разгледува од страна на Владата. Наодите на Европската комисија се основа за ревизијата на националната програма за усвојување на правото на ЕУ, која се прави секоја година и претставува клучен стратешко документ. Мислам дека извештајот на ЕК претставува објективна, но и во најголема мера и експертска оцена за состојбата во која се наоѓаме во моментов, но и комулирано, бидејќи се работи за долготраен процес. Македонија одамна ги исполни условите за почеток на преговори со ЕУ, но не смееме да заборавиме дека евроинтегративниот процес е и политички процес и зависи од одлуките кои се донесени од сите земји членки на ЕУ, односно одлуките кои се донесуваат во рамки на Советот на ЕУ. Нека нема сомнеж дека ние како политички чинители и како Влада не само што сме заинтересирани за содржината на извештајот и за одлуките на Советот на ЕУ, туку ние сме ангажирани и максимално посветени да ја исполниме нашата крајна стратешка цел, а тоа е членството на земјата во ЕУ.

Целото интервју со Арбр Адеми, заменик претседател на Владата на Република Македонија задоложен за европски прашања, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG